Тест што открива аутизам со прецизност од 90%

Тест што открива аутизам со прецизност од 90%

Подготвил: М.П.

Лектор: Ивана Кузманоска

Аутизмот е комплицирана невролошка состојба предизвикана од низа ризик-фактори, меѓу кои и нашите гени и средината, а за која знаеме многу малку. Симптомите варираат – од проблеми со социјална интеракција до немање способност за говор или процесирање на сензациите нормално. Децата може да покажуваат видливи знаци на аутизам до 18 месеци, но нема еден медицински тест што би ја поставил дијагнозата, па често се потребни години за да се потврди случај за кој постои сомнеж. Сето тоа доведува и до потенцијално одлагање на третманот.


Ново истражување може да ги обезбеди првите чекори кон развивање прецизен тест на крвта за состојбата. Исто така, можно е да помогне во подобро разбирање на прашањето зошто се појавува аутизмот. Научниците од Европа анализирале крв и урина од 38 деца од Италија на кои им бил дијагностициран аутизам и ги споредиле со група од 31 дете што немаат аутизам. Децата со аутизам имале 7,5 години, во просек. Кај нив се пронајдени знаци на оштетување на одредени протеини пронајдени во крвната плазма, кои биле предизвикани од комплексни процеси што вклучуваат кислород или глукоза.

Потоа креирале 4 различни предвидливи алгоритми со кои се обидувале да покажат дали детето има аутизам или не, базирано на присуството на овие биомаркери. Меѓу другото, најуспешниот алгоритам барал високи нивоа на молекула наречена дитросин, која се појавува кога протеините се променети од слободни радикали кои содржат кислород (процес познат како оксидација) и крајните продукти од напредна гликација, кои се протеини од масти што веќе биле променети од контакт со глукоза. Овој алгоритам предвидува дали детето има аутизам со 90 проценти прецизност, а предвидува дека нема со 87 проценти прецизност.

Децата со аутизам во студијата, исто така, покажувале знаци дека нивните неврони имаат помалку достапни аминокиселини. Ова можеби ја потврдува теоријата дека некои случаи на аутизам се предизвикани од ретка генска мутација која предизвикува протеините што се одговорни за пренесување на аминокиселините да станат нефункционални.

Ова е прв тим на научници што бара биомаркери за аутизам во крвта. Научниците ќе продолжат да истражуваат и да анализираат и помали деца.