Млади таленти за танц, музика и визуелни уметности аплицирајте за културната програма „Инкубатор“

Млади таленти за танц, музика и визуелни уметности аплицирајте за културната програма „Инкубатор“

Подготвил: С.Ѓ

Kреативноста и потребата за уметничко изразување се водечки критериуми за развојот на едно општество, потцртаа денеска уметничкиот директор на „Интерарт“, Рисима Рисимкин и швајцарската амбасадорка во земјава, Н.Е. Сибил Зутер Техада, на промоцијата на заедничкиот проект „Инкубатор“. Станува збор за програма за култура поддржана од амбасадата на Швајцарија, а иницирана од тимот на културниот центар „Интерарт“ од Скопје.

Швајцарската амбасадорка Сибил Зутер Техада и директорката на „Интерарт“, Рисимкин

Во тек се уписите на кои можат да се пријават млади неафирмирани уметници од 18 до 30 години, за работа на проекти од областа на современ танц, музика и визуелна уметност. Од денеска сѐ до 7 март сите заинтересирани за да научат повеќе за овие области и да работат со врвни ментори, со цел да се создадат повеќе заеднички проекти, можат да се пријават на www.inkubator.com.mk/apliciraj/
Повикот е отворен за млади таленти од цела земја, часовите ќе се одвиваат за време на викендите во Скопје, а за тоа ќе им бидат подмирени и трошоците на сите што ќе мора да патуваат.
Рисимкин објасни дека работилниците ќе се одвиваат под менторство на реномирани уметнички имиња од националната, но и меѓународната сцена. Ментор за современ танц ќе биде Рисимкин, за музика – Тони Китановски, а за визуелни уметности – Жарко Башески и Симонида Филиповска.
-„Инкубатор“ програмата за култура овозможува една нова платформа за едукација и развој на млади уметници од Македонија, кои имаат желба да создаваат во овие три области, а со крајна цел да создадат мултимедијален сценски перофрманс. Целиот проект е дизајниран за да се овозможи развој од тој вид и да им се помогне на младите да го најдат својот изразен пат во уметничка насока. Живееме во комерцијално време, во кое уметноста не е во прв план, меѓутоа моја задача, а секако и на „Интерарт“ е потребата од посебно нагласување на важноста на уметничкиот развој и креација, кои секако ќе го најдат своето место во општеството, доколку им се даде соодветен простор – рече Рисимкин и истакна дека поддршката на швајцарската амбасада е клучна за реализација на овој проект.

Дел од младите сили на „Интерарт“

- Многу ми е драго што Амбасадата на Швајцарија го препозна нашиот напор за поддршка и развој на млади уметници, посебно во овие уметнички категории, кои иако го заслужуваат - го немаат вистинското место во нашето општество и на кои, со нивната поддршка, ќе им се овозможи процес кој ќе донесе вистински резултати во уметничкиот развој на младите таленти – рече Рисимкин, на денешната прес-конференција.
Таа додаде дека посакува со оваа програма да бидат чекор поблиску до моментот кога ќе добијат и нивна сопствена зграда. Се надеваме дека државата тоа ќе ни го обезбеди, со оглед на се што направивме во изминатите години за развој на современиот танц, истакна Рисимкин.
Швајцарија ги препознава културните права како дел од човековите права и како суштински за човековото достоинство, идентитет и индивидуална исполнетост. Во време кога уметниците, културните групи, културното наследство и културните изрази се сѐ повеќе на удар, одбраната на културните права на индивидуалците и на заедниците е императив, нагласи швајцарската амбасадорка.
- Свесни за многуте технички и финансиски пречки со кои се соочуваат локалните уметници, се надеваме дека ќе развиеме еден попрофесионален и холистички пристап кон уметноста и културата, истовремено охрабрувајќи го уметничкиот израз, креативноста и иновацијата. Промовирајќи професионализам, претприемништво и компетитивност на младите уметници се надеваме дека македонската современа културна сцена ќе се приближи кон уметничките стандарди на развиените земји. Во Културниот центар „Интерарт“ имаме партнер од доверба и им посакуваме многу успех и сѐ најдобро во имплементацијата на овој проект – истакна амбасадорката Зухер Техада.