Астрономи открија супернова стара 10,5 милијарди години

Астрономи открија супернова стара 10,5 милијарди години

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска


Супернова
(Фото: Reuters / NASA)


Во вторникот астрономи објавија дека откриле голема космичка експлозија од ѕвезда во изумирање, стара 10,5 милијарди години, а станува збор за најоддалечената од сите досега откриени супернови.

„Суперновата ’DES16C2nm‘ е крајно оддалечена, екстремно сјајна и екстремно ретка и не е вообичаена небесна појава за астрономите“, објасни Метју Смит, главниот автор на студијата објавена во соопштение од страна на британскиот Универзитет во Саутемптон,

Оваа појава се случила кога масивна ѕвезда од многу оддалечена галаксија умрела со катаклизмична експлозија позната по името супернова.

Смртта на ѕвездите ја следат појави кои се многу силни бидејќи материјата што ја сочинува ѕвездата е исфрлена со брзини од неколку илјади километри во секунда.

Поради неверојатната количина ослободена енергија, таа појава е сјајна како 200 милиони Сонца и може да се забележи од Земјата.

Светлината од таа небесна појава досегна до нашата планета по 10,5 милијарди години откако се случила, а првпат е откриена во август 2016 година. Нејзината оддалеченост и екстремниот луминозитет беа потврдени од три различни телескопи во октомври минатата година.

Меѓународна екипа на астрономи под водство на Универзитетот во Саутемптон изработила студија објавена во вторникот во „Astrophysical Journal“ и ја сместила оваа ѕвезда меѓу „суперлуминозните супернови“, кои се најсјајни и најретки.

„Освен тоа што откритието е многу возбудливо, екстремната оддалеченост на суперновата ’DES16C2nm‘ ни дава единствен увид во природата на суперсјајните супернови“, изјави Смит.

„Ултравиолетовата светлина емитирана од суперновата нè подучува за количината на метал произведена со експлозијата и за температурата на самата експлозија, а тие две информации се многу важни за разбирање на причините за овие космички експлозии“, додаде Смит.