Кога политиката ќе ѝ се испречи на културата: Неразјаснет случај на филмскиот фестивал ФЕСТ во Југославија

Кога политиката ќе ѝ се испречи на културата: Неразјаснет случај на филмскиот фестивал ФЕСТ во Југославија

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска


Проектор на филмови
(Фото: Pixabay)


Организаторите на филмскиот фестивал ФЕСТ отсекогаш имале многу маки во настојувањето програмата да ја исполнат со најдобрите филмови снимени претходната година во светот. Меѓутоа, никогаш како во годината 1978 во тие маки не учествувала политиката. Четири извонредни филма, по еден од САД, Полска, Тунис и од Советскиот Сојуз, публиката нема да ги види од причина што не добиле „виза“ за прикажување во поранешната република.

Се работело за филмови кои зборувале за некои политички, општествени или системски аномалии на земјите во кои настанале, помалку или повеќе ангажирани филмови, но за тамошни културно-политички „татковци“ доволно неподобни за да бидат проектирани во Југославија. Во конкретниов случај најинтересно е што поради политички причини, филмовите биле скратени од две социјалистички, една капиталистичка и една „неутрална“ земја.

Уметничкиот директор и селектор на фестивалот, Милутин Чолиќ, овој потег го протолкувал на следниов начин: „Капиталистите не ни го даваат филмот затоа што сме комунисти, а комунистите затоа што можеби се сомневаат дека сме комунисти, додека пријателите од третиот свет – и самиот не знам зошто не ни го даваат.“ 

На фестивалот во 1978 година не се прикажале филмовите „ТВ-мрежа“ (САД), „Човек од мрамор“ (Полска), советскиот „Вдовици“ и тунискиот „Сонцето на хиените“.

Селекторите и организаторите на фестивалот макотрпно работеле да обезбедат копии од споменатите филмови за годишното издание на „ФЕСТ ’78“. Биле користени официјални канали, деловни, уметнички и пријателски врски, но резултатите изостанале.

На пример, полскиот филм и покрај најавите за учество на најпрестижните европски филмски фестивали во Кан, Берлин, Париз и Лондон, бил симнат дури и од репертоарите во Полска неодредено време.

Американскиот филм „ТВ-мрежа“ на Синди Ламет многумина го сметале за филм на деценијата во Америка. Во прилог на тоа говорат и трите „Оскари“ што ги освоил филмот годината претходно, како и ласкавите оцени од критичарите во сите европски земји каде што бил прикажан. Спорното во филмот било тоа што во фокусот била ставена една моќна машинерија наречена „телевизија“, која ги храни луѓето со информации што немаат никаква допирна точка со вистината.

Тунискиот филм „Сонцето на хиените“, пак, бил спречен да се претстави пред публиката во Југославија затоа што предупредувал на опасноста од инфилтрирањето на странскиот капитал, кој преку туристичките објекти што го окупирале брегот на оваа земја се заканувал да го загрози тамошното земјоделство, доведувајќи ја земјата во зависност која би можела да стане и национална.

Советскиот „Вдовици“ бил своевидна критика на бирократијата во таа земја.

Последните два филма не добиле „виза“ за прикажување на „ФЕСТ“, но во ниеден случај не било официјално образложено на што се должела таквата одлука.

Интересен случај евидентиран во тоа време биле реакциите на амбасадите на четирите земји во Југославија, кои биле изненадени од одлуката на нивните влади да одбијат да делегираат филмови на белградскиот фестивал, а згора на тоа го изразиле и нивното несогласување со таквата одлука и вложиле напор да ги убедат одговорните во нивните земји да го допуштат прикажувањето на филмовите на фестивалот во 1978 година.

Извор