Голем скандал на повидок - најголемиот фаворит за „Оскар“ е плагијат?

Голем скандал на повидок - најголемиот фаворит за „Оскар“ е плагијат?

Подготвил: Б.Б.


Сцена од филмот „Обликот на водата“, номиниран на претстојните оскари.
(Фото: Youtube screenshot / Fox Searchlight)


Филмот „Обликот на водата“ (The shape of water, 2017), конкурент во категоријата најдобар филм на овогодишната манифестација на доделување на „Оскарите“, се соочува со тужба за плагијат, во која се наведува дека фантастичниот заплет за романтичната врска помеѓу хигиеничарката и таинственото речно суштество е преземен од една американска театарска претстава.

Во тужбата покрената во сојузниот суд во Лос Анџелес се наведува дека режисерот Гиљермо дел Торо, продуцентот Даниел Краус и филмското студио „Фокс срчлајт“ дрско ги препишале приказната, елементите, ликовите и темата од претставата од 1969 година на покојниот Пол Зиндел.

„Обликот на водата“ е номиниран во најмногу, или во вкупно 13 категории, вклучително и номинациите за најдобар филм и најдобар режисер, за престижните филмски награди, на манифестацијата што ќе се одржи на 4 март. Тужбата е поднесена по еден ден откако биле предадени гласачките ливчиња од 8.000 члена на Академијата за филмски уметности и науки.

Тужбата што ја поднел синот на Зиндел, Дејвид, содржи повеќе од 60 сличности помеѓу претставата „Дај да го чујам твојот шепот“ и „Обликот на водата“.

Меѓу многуте се вбројува и фабулата на претставата и филмот за осамената хигиеничарка која работи во научна лабораторија во текот на Студената војна, и која остварува љубовна врска со уловено водно суштество, па готви план како да го ослободи.

Во претставата на Зиндел суштеството е делфин. Во филмот тоа е получовек-полусуштество.

Во тужбата се вели дека и покрај уочливите сличности помеѓу претставата и очигледно оттаму изведениот филм, „обвинетите не нè удостоиле да побараат или да ја добијат вообичаената дозвола“ за правата на претставата на Зиндел, нити пак го навеле како автор.   

Филмското студио „Фокс срчлајт“ ги негирало тврдењата како „невтемелени и целосно безвредни“.

Од студиото во соопштението додаваат дека јасно е дека тужбата е темпирана „за да се совпадне со гласањето за ’Оскарите‘ со што би извршила притисок врз студиото да постигнат договор набрзина“. „Наместо тоа, ние енергично ќе се браниме, а со самото тоа и овој иновативен и оригинален филм.“

„Обликот на водата“ веќе е добитник на „Златен глобус“ за најдобар филм и многубројни награди за глума и други награди од филмските критичари во САД и на други места.