Монтесори: Децата сакаат да одат, но ние ги спречуваме

Монтесори: Децата сакаат да одат, но ние ги спречуваме

Подготвил: Б.Б.


Детенце трча по улица
(Фото: Pixabay)


Децата природно сакаат да одат и да трчаат. Тие се смели, дури и итаат, како војник што „лета“ кон победа, без разлика на ризикот. Поради тоа, возрасните брзаат да обезбедат заштита, која всушност е пречка.

Задача на возрасните е да одговорат на потребите на незрелото суштество кое им е доверено на нивна грижа, да се приспособат на неговите потреби и да се одречат од нивното досегашно однесување.

Повеќето животни инстинктивно се однесуваат на овој начин и се приспособуваат на нивните младенчиња. Кога слоницата ќе го доведе своето малечко во стадото, огромните животни го забавуваат својот од според темпото на младенчето, а кога тоа ќе се умори, сите застануваат.

Иако екстремитетите на луѓето се слични со оние на животните, ние се движиме на две, а тие на четири нозе. Човекот е единственото суштество кое се потпира само на две нозе за да се движи. Детето не развива способност за исправено одење така што чека да се случи тоа, туку го развива со одење. Учењето на одот за детето е еден вид второ раѓање, кога од беспомошно битие станува активно. Но, она што е важно е вежбањето. Постигнувањето рамнотежа и сигурен од е резултат на долга практика и индивидуален труд. Знаеме дека детето почнува да оди водено од импулсот и храброста, затоа сосема погрешна одлука на родителите е да му го ограничат неговото движење така што ќе му го ограничат просторот.

На тој начин детето нема можност да оди. Дури и да го изнесат на прошетка, секогаш тоа треба да се приспособува на движењето на родителите, а не обратно. Сето ова тие го прават заради заштита на детето од повреди. Водат грижа за неговиот физички развој, а не за внатрешниот психички развој.

Помеѓу една и пол и две години детето може долго да оди и да се качува по стрмни скали и рампи. Но, целта на неговото одење е целосно различна од нашето. Возрасните луѓе одат за да остварат надворешна цел, кон која се движат праволиниски. Детето има свој ритам на одење кој речиси механички го води напред. Малото дете оди за да ги развие своите способности, а неговата цел е да се изгради себеси. Тоа се движи кон нештата што ги гледа и кои му го привлекуваат вниманието. За да бидат од помош, возрасните мора да се откажат од своето темпо и од својата цел на движење.

Скалите секогаш ќе бидат полни со деца кои одат горе-долу, седат, стануваат и слегуваат. Леснотијата со која детето од сиромашно семејство јури по улицата и го избегнува сообраќајот и покрај опасноста е потенцијал кој е далеку од инерцијата, плашливоста и мрзливоста кај децата од повисоките класи. Ни на едните ни на другите не им е овозможена помош при развојот. Едните се препуштени на опасната и несоодветна средина на возрасните, а другите, со цел да се оттргнат од опасните средини, се спречувани и опкружени со заштитнички препреки.