Марко Мицов, балетски играч кој нижe успеси во САД: Син сум на воено лице, најголема поддршка добив од татко ми!

Марко Мицов, балетски играч кој нижe успеси во САД: Син сум на воено лице, најголема поддршка добив од татко ми!

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Македонија никогаш не ме поддржала за учество на меѓународни натпревари и семинари, одговорот секогаш беше дека нема доволно средства за тоа. Благодарение на мојата професорка Соња Здравкова-Џепароска и семејството, имав мотив да се стремам кон поголеми цели




На официјалниот плакат за балетот „Рубини“ од Џорџ Баланшин во продукција на Балетот во Сан Антонио, Тексас, неодамна осамна балетски играч кој познавачите на оваа уметност кај нас веднаш го препознаа. Марко Мицов (25) денес има одлична репутација во океанот полн со балетски играчи на големиот американски пазар. Го завршил основното и средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје. Во 2010 година ја доби Специјалната награда на меѓународен балетски натпревар во Загреб.  
На 17 години доби покана од тогашниот уметнички директор на хрватскиот балет, Свебор Сечак, да настапи на меѓународна турнеја во Јужна Америка заедно со Мадридскиот балет. Во 2011 година доби целосна стипендија од Academy of Mystic Ballet во Конектикат.
Во овие седум години, колку што живее во Америка, немал никаква соработка со македонска балетска или танцова институција. Би бил пресреќен да му се случи тоа. Ги играл класичните улоги во најреферентните балетски дела, а улога што особено ја посакува е во балетот „Блудниот син“, исто така од Баланшин.

Деновиве сте актуелни со главната улога во балетот „Рубини“. Ова е предизвик за Вас, со оглед на тоа дека кореографиите на Џорџ Баланшин одамна ги посакувате. За каков проект станува збор?
- Долго ќе го паметам тоа што се случи во центарот „Тобина“. Го чувствувам адреналинот, ова ќе биде уште едно скалило нагоре во мојата кариера. Кога менаџментот на компанијата за тековната сезона најави дека Баланшиновите „Рубини“ ќе бидат на репертоарот, добро ги помнам широките насмевки на лицата на моите колеги. Минатата година се одбележуваше 50-годишнина од поставувањето на „Драгоцените камења“ (од кои дел се и „Рубините“) и тие беа актуелни во светот преку нивните обнови. На моја огромна среќа ми беше доделена главната улога - создадена првично за американскиот танчар Едвард Вилела во 1967 година. Таа ролја бара не само техничка подготвеност и умешност, туку и стопроцентна емоционална посветеност, синхронизација помеѓу партнерите и предаденост. Бидејќи делата на Баланшин се подложни на строга контрола од концернот што ги има авторските права, за пренос беше повикан поранешниот првенец на Њујорк Сити балетот, Нилас Мартин, кој моментално е еден од репетитoрите за кореографското наследство на Баланшин.


Во Балетот во Сан Антонио сте од 2016 година. Вие сте еден од ретките македонски балетани што работат на голема сцена во САД. Како функционира театарот во кој создавате? Го живеете ли Вашиот сон?
- САД нудат големи можности, но конкуренцијата е огромна. Во САД живеат околу 300 милиони луѓе и секоја година доаѓаат нови играчи од цел свет. Мора да се биде максимално посветен на работата бидејќи договорите за работен ангажман се обновуваат секоја година. Сојузната држава Тексас има околу 30 милиони жители и само три големи компании – Хјустон балет, Тексас балет и Балетoт во Сан Антонио. Да се биде дел од една од нив e огромна привилегија, која подразбира високи стандарди на аудициите и максимален одговор од ваша страна на секоја поставена задача. Јас со сето ова што го направив може да кажам дека го живеам својот сон, но патот до реализација не е воопшто лесен. По заминување од компанијата на легендарната Гелси Киркленд (која патем, исто така, беше примабалерина во компанијата на Баланшин, а потоа и партнер на најпознатиот балетски уметник Михаил Баришников во American Ballet Theatre), барав место каде што ќе можам да се реализирам, освен во класичниот репертоар во неокласичниот и модерниот, па поради тоа дојдов тука и пресреќен сум како сум прифатен и дека го работам она што го сакам.

Сцена од „Рубините“

Од денешна перспектива, можете ли да кажете дека во Скопје стекнавте добра основа за Вашата сегашна кариера?
- Без сомнеж, моето училиште, или популарно речено „подрумот“, бидејќи балетските сали се сместени во сутеренскиот дел од училиштето, на ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, за мене претставуваше култно место од каде што изникнаа генерации балетски уметници. Тоа не е обично училиште, и покрај скромните услови, доминираат енергијата, радоста, место кое има посебен шарм. Со балет почнав да се занимавам на 8-годишна возраст. Поминав 10 години во класата на проф. Соња Здравкова-Џепароска. Професорката е навистина посебна, со многу квалитети, бескрајно сум ѝ благодарен за првите чекори направени во балетот, за нејзината безрезервна верба во мене и упорноста да ме научи, за трпеливоста што ја има, за одличната техничка база што ми ја даде и, најбитно, за љубовта кон танцот што ја всади во моето срце.
Во нашето државно училиште има многу квалитетни педагози кои се на ниво на големите училишта во Европа и во САД. За жал, подрумските услови во кои учев јас (не знам дали во меѓувреме нешто е сменето) не се ниту оддалеку место каде што квалитетот на учениците и на оние што ги водат може да дојде до израз. Создавањето еден балетски уметник, кој е патем дефицитарен кадар не само во Македонија, туку и во светот, бара посветеност и услови. Мое мислење е дека овде треба да има тесна соработка и поддршка од министерствата за образование и култура за да се поддржат талентираните ученици со стипендии, да се вклучат во различни проекти, да се воспостави соработка со други училишта.


Моето искуство по ова прашање е негативно, ниту еднаш не бев поддржан за учество на меѓународни натпревари и семинари, одговорот секогаш беше дека нема доволно средства за ова. Благодарение на мојата професорка и семејството, имав мотив да се стремам кон поголеми цели. Верувам дека ова ќе се исправи, дека македонските уметници ќе може да ја афирмираат македонската култура и надвор од границите на нашата држава на моќен и прекрасен начин преку јазикот на танцот.

Балетската уметност, особено за момчињата, барем на нашиве простори сѐ уште не е многу популарна. Што би им препорачале на младите што сакаат да се занимаваат со оваа уметност?
- По мое длабоко убедување, изборот на професија денес е лична одлука, без разлика на полот, расата, верата, бојата на кожата. Мислам дека секој поединец мора да донесе цврста одлука во кој правец ќе се движи и со што ќе се занимава, без разлика на реакциите на околината и коментарите. Професијата балетски уметник не е ексклузивно женска и не треба да биде. Замислете, дали би можел да опстои балетот доколку го практицираа само жени. Секако дека денес има средини во кои момчињата сѐ потешко се одлучуваат за оваа професија, што е голема грешка. Секое момче што има љубов за танцот и е спремно да вложи многу труд и напор, ќе успее. Мојата главна порака е насочена кон родителите, тие се многу важни во одлуката. Затоа, за сите што го читаат ова, ќе кажам дека јас сум син на воено лице и најголемата поддршка ја добив од мојот татко, мајка ми и од поширокото семејство, поради што можам да кажам дека денес го живеам својот сон.



Марко со своите родители

Кој Ви е следен предизвик по „Рубини“, што Ве очекува до крајот на сезоната?
- Прво, многу сум возбуден дека ќе ја пишувам пораката за танц од Македонија за годинава, благодарение на ITI - Интернационалниот театарски институт. Ми претставува чест и задоволство да ја претставувам Македонија и премногу сум среќен дека ова ќе ми биде прва соработка со некој од Македонија, по седум години заминување од дома. Моментално работам на „Убавицата и ѕверот“, кој е нов балет за мене.