Родителите збеснаа со подароците за 8 Март за наставничките: Купуваат ваучери за спа и трговски центри, скапи чанти и часовници

Родителите збеснаа со подароците за 8 Март за наставничките: Купуваат ваучери за спа и трговски центри, скапи чанти и часовници

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Сакаме да ги научиме учениците дека чинот на подарување и покажување почит кон некого е повеќе духовен отколку материјален – напишале две наставнички од скопско училиште „11 Октомври“ во пораката за родителите.

 
Што се случи со купувањето цвеќе како знак на внимание?

Апетитите на родителите кога е во прашање купувањето на подароците за 8 Март растат секоја година, иако и самите просветни работници апелираат дека е важно вниманието, а не подарокот. Овој празник родителите буквално збеснаа, па на учителките им подготвуваат ваучери од над 50 евра во трговски центри и продавници, скапи чанти, накит, ваучери за спа-центри, па дури и чевли...

Кавги меѓу родителите

Во основно училиште во Општина Гази Баба одлуката за тоа каков подарок треба да се купи за наставничките ги скара родителите. Мајка на основец ни изјави дека во одделението има 20 ученици. Се договориле да собираат по 200 денари од дете за да се купат два исти подароци (чанти или паричници и марами) за двете наставнички во целодневна настава.
- Кавгите и хаосот настанаа кога двајца родители не се согласија да учествуваат затоа што сумата им била мала и рекоа дека ќе купат посебни подароци. Во вакви ситуации, наместо да се има разбирање и да се согледаат можностите на мнозинството родители, излегува дека се води битка во докажувањето кој е кој, кој е помоќен финансиски, што воопшто не е во ред. Со подарокот треба да се искаже внимание и почит по повод Денот на жената, а притоа тој не треба да чини цело богатство – вели мајката.

Ако не дадете пари, името на детето нема да биде на картичката

Друга мајка на дете од Општина Центар ни раскажа дека секоја година води „борба“ со родителите од одделението околу сумата што се собира.
- Имам три деца, ако за секое дадам по 200 денари, овој празник ќе го почувствувам на семејниот буџет. Поентата е да им се покаже мало внимание на учителките, да им кажеме благодарам што ни ги учат и воспитуваат децата, а не да се натпреваруваме која група купила поскап подарок. И не победив, мнозинството одлучи да собираме по 250 денари. Триесет деца се во клас, што значи за двете учителки ќе има по над 50 евра. Ќе им земеме ваучер од „Сити мол“, па нека си одберат подарок. Јас сакав да им се купи по еден букет цвеќе, но сама не можам борба да водам – вели таа.
Инаку, кавгите на родителите одат дотаму што имињата на децата чии родители нема да дадат пари за подарокот нема да бидат напишани на честитката.
- Тоа е сурово, некој навистина нема ниту 100 денари да одвои. Се надевам дека учителките се поразумни од нас, па ќе ги игнорираат напишаните имиња – вели мајката.

Наставнички напишале писмо: Чинот на подарување е духовен

Наставничките постојано апелираат родителите да не претеруваат со подароците за 8 Март и дека ги ставаат во незгодна ситуација. Наставничката Билјана Васиќ од основното училиште ,,11 Октомври" - Центар, заедно со нејзината колешка дури им напишале писмо на родителите минатата недела. Во него пишуваат дека имаат поинакво видување за традицијата на давање подароци.
- Сакаме учениците да ги научиме дека чинот на подарување и покажување почит кон некого е повеќе духовен отколку материјален. Затоа, ќе почнеме најпрво од подарокот што вие секако го подготвувате за нас. За да ја постигнеме воспитната цел, ве молам да не собирате средства и да не купувате подарок кој би нѐ довел во непријатна ситуација. Доволен ќе биде еден цвет од одделението и пригодна честитка. Ве молам да го уважите ова наше укажување, кое се темели на високи професионални принципи и правила кон кои се стремиме – напишале учителките во писмото до родителите.