Премногу сол и шеќери внесуваат децата во нашите градинки и школи

Премногу сол и шеќери внесуваат децата во нашите градинки и школи

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Се забележува и голем недостиг на витаминот Д, што е изненадувачки за земја со толку сончеви денови, вели д-р Игор Спироски од Институтот за јавно здравје, кој беше дел од истражувањето на храната во 60 градинки и 64 училишта



Премногу сол, прости јаглехидрати и натриум внесуваат децата за време на престојот во градинките и во основните училишта, ова е еден од заклучоците што ги донесе истражувањето за квалитетот на исхраната на децата, а го спроведе тим на министерствата за образование и наука и за труд и социјала, во соработка со Фондот за деца на Обединетите нации, УНИЦЕФ и Центарот за регионални истражувања и соработка „Студиорум“ од Скопје.
Резултатите беа јавно соопштени во рамките на работилницата на тема „Со подобра исхрана на децата до подобро здравје и благосостојба“ што ја организираа истите институции. Истражувањето е спроведено во 60 градинки и 64 основни училишта во земјава минатата година. Истражувањето пред јавноста го презентира д-р Игор Спироски, раководител на одделот за физиологија и мониторинг на исхрана при Институтот за јавно здравје од Скопје. Тој нагласи дека резултатите се однесуваат на исхраната додека децата се во градинка или на училиште, што не ја дава целосната слика за исхраната на децата, со оглед на тоа дека не е земена предвид и храната што се консумира дома.
Во истражувањето е обрнато внимание на макронутритиентите (јаглехидрати, протеини, масти) и микронутритиентите (јод, натриум, витамини...) Меѓу другото, тој посочи дека консумирањето на јаглехидратите е на горна граница. Од нив 17,3 отсто се прости шеќери (моносахариди), а треба да бидат трипати помалку. Тој посочи дека треба повеќе да се јаде храна со растителни влакна.

 
Д-р Игор Спироски

Интересен и збунувачки е фактот дека нашите деца имаат недостиг на витамин Д. Спироски вели дека треба да се побара одговорот на ова прашање, со оглед на тоа дека сме земја која има доминантно сончеви денови.
- Ако Финците можат да го надоместуваат со храна, тогаш треба да можеме и ние. Треба да размислиме дали е доволно што на децата им даваме капки или можеби треба да се внесуваат повеќе риба, млеко, темнозелени зеленчуци за да ја подобриме оваа ситуација. И да се прашаме дали доволно време поминуваат надвор на сонце – вели д-р Спироски. Јодот исто така не е на доволно ниво, но се има предвид дека децата во остатокот од денот ќе го надополнат нивото, посочува докторот. - Натриумот е далеку над препорачаната количина. Тоа загрижува, односно солта што ја консумираме. Солта е еден од поголемите проблеми. Има начини како да се намали. Треба да се отфрли јадењето на месни преработени производи, салами и слично, оти таму е натриумот – категоричен е Спироски.
Навиките во исхраната се стекнуваат од мали нозе и тие се особено важни за правилниот психофизички развој на децата. Со подобра исхрана од мали, ќе се намали ризикот од многу болести кога ќе пораснат.

Според истражувањето направено во училиштата, таму состојбата со шеќерите била малку подобра, ама не е за фалење.
- Проблемот со оваа популација е што во остатокот на денот ќе внесе уште многу шеќери. Како ќе се навикнат децата на исхраната од мали нозе, такви навики ќе имаат и поголеми. Интегрални жита, свежо овошје и зеленчук повеќе, помалку газирани пијалаци, тоа треба да ни бидат препораките. Интересни се податоците за дебелината на децата во Европа. Шпанија, Италија, Грција ги држат првите места, некој ќе рече дека тоа е чудно со оглед на тоа дека се земји на Медитеранот. Мит е дека луѓето на Медитеранот јадат здраво, да, можеби некои баби на Крит, ама децата во овие земји ги јадат истите шарени работи што ги јадат и децата во Македонија или во САД. Ние сме на 14-тото место на оваа листа. Ако ни продолжи тенденцијата на дебелеење, може да се најдеме и погоре на листата – предупредува Спироски и додава дека сите мерки што ќе ги преземеме ќе помогнат да се избегне дијабетес на 20 години или мозочни удари на 35.
Каде и да се завртат, децата имаат провокација. Драматично е тоа што се случува во релацијата урбана и рурална средина. Имено, се зголемува дебелината кај децата од руралните средини. Д-р Спироски ги сподели и препораките за подобрување на состојбата – да се почитуваат стандардите за исхрана, вработените и раководниот кадар да се посветат и училиштата да бидат опремени со кадар и средства, оти без тоа „можеме да зборуваме колку сакаме“.
- Треба да се посвети внимание на храната, не е само да им се пласира на децата, ами да се има однос кон тоа што се јаде. Да се засили контролата на квалитетот на храната. Да се размисли за вработување кадар за оваа проблематика оти немаме вработени нутриционисти. Во училиштата, на пример, кетерингот е од надвор и на тие луѓе им треба совет како да ја подготвуваат храната – вели д-р Спироски. Наша работа е да се грижиме за здравјето на нашите деца. Суптилната реклама, дигиталниот маркетинг, тоа се алатките што индустријата ги користи и сето тоа влијае врз нашите деца.
- Прашавме неколку градоначалници дали има маркетинг на храна во училиштата и ни рекоа дека нема, ама ние најдовме плакати на кои се рекламира храна. На самото место најдовме реклами за храна во училиштата. Локалната самоуправа има многу важна улога за оваа работа. Постојано ја кажувам анегдотата - во едно училиште на крајот на годината организираа забава под мотото „Палачинка за секоја петка“. Се прашувам, зошто мора да биде палачинка? – вели Спироски. Еден од поважните заклучоци е дека ова се проблеми што се решливи. - Ние не сме многу назад во однос на другите земји, ама мораме да се трудиме колку што можеме повеќе – заклучи д-р Спироски.