Четири основни и две средни училишта лани добиле највисока оценка од просветните инспектори

Четири основни и две средни училишта лани добиле највисока оценка од просветните инспектори

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Просветниот инспекторат констатирал дека има евидентен недостаток на наставни средства и помагала, како и поддршка на наставниците во основните училишта за успешна реализација на сите содржини од наставните предмети.



Од 115 основни училишта, само четири добиле највисока оценка (многу добар) од испекторите од Државниот просветен инспекторат. Само две средни училишта, од 33, во кои лани е извршена инспекција ја добиле оваа највисока оценка.
Во ланската учебна година, просветниот инспекторат спровел вкупно 162 интегрални евалуации со кои го вреднува квалитетот на работата на училиштата. Согласно индикаторите, тие се оценуваат на четири нивоа: многу добро, добро, делумно задоволува и не задоволува. За среќа, ниту едно училиште лани не ја добило квалификацијата не задоволува, а најголем дел од нив се оценети со оценка добар. Но сепак, на една рака може да се избројат оние што добиле чиста петка.


Од вкупно 115 основни училишта кои ги чешлаше просветната инпекција, 65 проценти или 75 училишта се оценети со оценка добар, 31 процент или 36 училишта добиле оценка делумно задоволува. Кога се во прашање средните училишта 76 отсто добиле оценка добар, а 18 проценти делумно задоволува.

Недостаток на наставни средства, стари компјутери

Просветниот инспекторат констатирал дека има евидентен недостаток на наставни средства и помагала, како и поддршка на наставниците во основните училишта за успешна реализација на сите содржини од наставните предмети. “Согледано е дека во руралните средини и периферните делови од градските средини каде бројот на ученици во паралелки е мал и се бара согласност за нивно формирање, а од друга страна во паралелките во урбани средини со максимален број на ученици над 30 постои нееднаков пристап во работењето на наставниците.



Констатирано е дека компјутерската опрема по училиштата добиена од проектот „Компјутер за секое дете“ е застарена, во најголем дел ИКТ опремата е неисправна, оштетена, а во планирањата на наставниците и во реализација на наставен час не се планира непримената на истата и се користи само формално, а не суштински за постигнување на целта на наставниот час“, пишува во Извештајот за квалитетот на воспитно-образовниот процес во училиштата.

Нема учебници за сите деца

Инпекторатот констатирал и дека за учениците кои следат настава на јазик различен од македонскиот јазик нема обезбедено учебници по сите наставни предмети на јазикот на кој се реализира наставата. Инспекторите увиделе и дека учениците со посебни образовни потребни, вклучувајќи ги и децата Роми кои се вклучени во редовна настава не добиваат доволно поддршка и помош пред и во процесот на учењето и наставата, социјализација и воспитание.
Училиштата за поддршка на оваа категорија на учениците не организирале доволно обуки за наставниците, немаат екипирано стручни служби (дефектолози, педагози, логопед и сл.) и не обезбедиле соодветни нагледни средства (асистивна технологија и др.).



Извештајот за квалитетот на воспитно­образовниот процес во основните, средните училишта и отворените граѓански универзитети во Македонија е изготвен врз основа на извештаите од интегралните евалуации што тимовите на Државниот просветен инспекторат ги спровеле во учебната 2016/2017 година. Тој го покажува нивото на квалитет и ефективност на образовниот процес, дали образовната установа работи во согласност со прописите и другите акти. Укажува на неправилности и недостатоци кои треба да се отстранат со имплементација на препораките дадени во извештајот.
Инспекторатот дава препораки до надлежните институции и Министерството за образование и наука како да се подобрат сосотојбите. После шест месеци, инспекторите повторно вршат контрола, за да проверат дали се отстранети недостатоците.