Интервју со д-р Јана Гичева, информатичар во Лондон: Македонското образование нуди добра основа, но нема напредок без најсовремена технологија

Интервју со д-р Јана Гичева, информатичар во Лондон: Македонското образование нуди добра основа, но нема напредок без најсовремена технологија

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Ние и нашите студенти сме со многу подобра основа и познавање на аспекти од теорија (алгоритми, докази, теоретска информатика, машинско учење, итн.). Меѓутоа, многу сме послаби во деловите кадешто доминира предусловот за достапни технологии и опрема за којашто е потребна поголема финансиска инвестиција, вели Гичева


Д-р Јана Гичева, во канцеларија

Македонските високообразовни институции поседуваат кадар и капацитет да постигнат високи стандарди во фундаменталните основи и столбови во било кое поле во образованието. Меѓутоа, за некои аспекти, во денешно време се потребни многу финансиски ресурси: лаборатории опремени со најсовремена технологија, пристап до различни списанија, научни трудови и часописи со висок импакт фактор чии лиценци чинат едно мало богатство, вели д-р Јана Гичева, асистент професор по информатика на Imperial College London. Таа додипломските студии ги завршила на Jacobs University Bremen во Германија, а постдипломските и докторските студии ги оформила на ETH во Цирих, Швајцарија, каде добила награда за најдобар докторат. Во моментот имаат неколку отворени позиции за студенти од втор и трет степен на образование.

Што значи за еден истражувач да работи на еден од најдобрите универзитети во Европа?
- Департманот по информатика на Империјал е еден од најголемите во Обединетото Кралство и вбројува околу педесет професори кои покриваат различни полиња на информатиката. Тоа секако овозможува лесна соработка со врвни светски експерти во склоп на многуте истражувачки проекти што ги водиме. Мислам дека скоро и не постои област од информатиката за којашто немаме одличен тим. Големо е и задоволството да се работи со одлични студенти во сите степени на образование кои доаѓаат од различни страни на светот. Атмосферата е генерално многу енергична и инспиративна. Особено се внимава на квалитетот на истражувачката работа и образованието. Секако располагаме со најсовремена опрема и технологија и имаме воспоставено блиска соработка со многу водечки истражувачки центри и компании кои се базирани во Лондон и околината, но и насекаде низ светот. Нормално дека и локацијата дополнително помага. Со седиште во централен Лондон, кој е главен тех-хаб во Европа, имаме можности за многу од нашите проекти да бидат забележани од индустријата или пак преку инкубатори да бидат претопени во старт-ап.


На врачувањето на наградата за најдобар докторат на ЕТЏ во Цирих, Швајцарија

Информатиката е широка област. Која е Вашата потесна специјалност и на што работите во моментот?
- Јас сум професор по компјутерски системи и со мојата истражувачка работа покривам неколку области: оперативни системи, датабази и компјутерска архитектура. Поконкретно интересите ми се во областа на обработка и анализа на податоци (Big Data, Data Science, Data Processing and Analytics) и дизајн и градење на компјутерски системи кои ги ефикасно ги користат новите хардверски технологии, но и можат да влијаат на дизајнот на идните процесори. Работата во оваа област е особено важна за економијата која може да извлече многу корисни индикатори од податоците кои секојдневно се собираат со поголем интензитет (data-driven society), но и за големите компании кои работат и нудат сервиси на Cloud. Секако дека не треба да се заборави и дигитализацијата на многу уреди кои не опкручуваат во секојдневието (Internet of Things и Edge Computing).


Империјал колеџ Лондон
Додипломските студии ги остваривте на Jacobs University Bremen во Греманија, а постдипломските и докторските студии ги оформивте на ETH во Цирих, Швајцарија. Денес сте дел од кадарот на Imperial College London. Која земја има најнапредни истражувања во комјутерските науки и какви?
- Според последните извештаи на Европската Унија, сите три држави вложуваат помеѓу 2-3 отсто од својот БДП за научни истражувања. Нормално дека распределбата на финансиите за научно истражување е различна во секоја од државите и одлуките ги донесуваат специјални тела/агенции како EPSRC, SNF, итн. Тука секако се и големите иницијативи за соработка низ цела Европа и ЕУ (ERC и Horizon 2020). Многу често вложувањата во определена област ја рефлектираат стратегијата која државата ја има оформено за поддршка на индустрискиот сектор, за да се стимулира поголем раст на економијата и секако за генерален напредок во општеството и науката. На пример, во делови на Германија многу се инвестира во вградени уреди (embedded devices, smart cities) како резултат на нивата силна автомобилна индустрија; а во Велика Британија имаат и посебни фондови за тренинг на млади експерти (докторанти) во полиња кои се од особен интерес и потреба на индустријата.


И покрај човечкиот потенцијал, нема технолошки развој без големи вложувања   Фото: Pixabay

Македонија е земја со слаб технолошки развој, но скоро да не можете да најдете талентиран информатичар кој останал да работи тука. Каква основа нудат македонските високообразовни инстуции за информатичарите? Како котираат тие во понатамошните надградувања во образовна смисла?
- Во светот генерално постои голем дефицит на информатичари, а уште побарани се талентираните. Гледајќи ги глобалните трендови, воопшто не треба да нè изненади тоа што многу млади излегуваат од своите матични држави и ги остваруваат своите соништа низ светот. Особено од држава како нашата, каде што поради стагнација на индустрискиот сектор нема многу прилики да го поддржат технолошкиот потенцијал што постои кај младите таленти. За делот од образованието каде што е потребно да се покријат фундаменталните основи и столбови во било кое поле, нашите високо-образовни институции несомнено поседуваат кадар и капацитет тоа да го направат со високи стандарди. Меѓутоа, за некои аспекти, за жал, во денешно време се потребни многу финансиски ресурси: лаборатории опремени со најсовремена технологија, пристап до различни списанија, научни трудови и часописи со висок импакт фактор (чии лиценци чинат едно мало богатство), донации од големи компании за софтверски лиценци, итн. Понатаму, рангот на високо-образовната институција исто така многу влијае при апликациите за понатамошен развој или барање пракса и работа. Како за пример, скоро сите мои познаници на ETH Zurich имаа добиено интервју или понуда за пракса/работа во компании како Google; за жал тоа не беше случајот со релативно млад и непознат (иако исто така добар) универзитет како Jacobs University Bremen. Како и остатокот од земјите од источна и југоисточна Европа (можеби со исклучок на Грција), ние и нашите студенти сме со многу подобра основа и познавање на аспекти од теорија (алгоритми, докази, теоретска информатика, машинско учење, итн.). Меѓутоа, многу сме послаби во деловите кадешто доминира предусловот за достапни технологии и опрема за којашто е потребна поголема финансиска инвестиција.


Отворени повеќе позиции за магистерски и докторски студии   Фото: Pixabay

Во моментот имате неколку отворени позиции за докторанти во Вашата група. Кои програмери можат да станат дел од тимот и со какви искуства би се стекнал?

- Имаме неколку отворени позиции за студенти од втор и трет степен на образование. Во мојата група има можности за летна пракса и соработка во научно-истражувачки проекти за 3-4-та година додипломци и постдипломци. Дополнително, имаме позиции за докторанти што би сакале да работат на тема компјутерски системи за Big Data и Data Science. За тоа е потребно да имаат или да се во процес на завршување студии од втор степен (мастерс), да имаат искуство со работа на системи (датабази, оперативни системи, дистрибуирани системи, компајлери) и добро познавање на C/C++ програмските јазици. Докторските студии траат четири години и освен стекнување на искуство за истражувачка работа со којашто можат да имаат влијание на светските трендови и компании, студентите преку објавување трудови и одење на врвни меѓународни конференции би станале дел од светската мрежа на научници во тоа поле. Таму би воспоставиле контакти и со млади таленти кои допрва ќе го менуваат светот и технологијата, но и со постарите од чиишто книги сме учеле и кои го дефинирале напредокот до сега. Понатаму, студентите ќе се во можност едно или две лета да поминат на пракса во врвни истражувачки центри во индустрија или компании низ Европа и Америка. Во нашата група имаме континуирана соработка и контакти со Google, Microsoft Research, Oracle, VMware, Intel, Amazon, итн. И нормално, би го искусиле животот во Лондон кој е еден од најдинамичните и возбудливи метрополи во Европа и светот.


Образованието е скапо, но студентите може да заработуваат    Фото: Pixabay

Образованието во Англија најчесто е исклучително скапо. Малкумина граѓани од Македонија можат да си го дозволат. Постојат ли други опции, стипендии за оние кои би сакале да станат дел од тимот, а не можат да си го дозволат тоа?
- Точно е дека студиите во Обединетото Кралство се скапи за студенти надвор од Европската Унија. Затоа и го посочувам преминот за втор и трет циклус на студии, каде можат полесно да се обезбедат стипендии. Конкретно за летната пракса и докторските позиции што ги имаме во нашата група, вклучена е и плата за студентот (околу 1.200 фунти месечно). За докторските студии таа е во вредност од скоро 17 илјади фунти годишно и се покриваат трошоците за школарина во вредност од 9 илјади фунти. Постојат и други начини да се обезбедат финансии: преку стипендии за одлични студенти, компании како и различни награди. Како за пример, во текот на мојот докторат на ЕТХ Цирих, мојата школарина и плата беа делумно покриени со грант донација од Oracle, а дел со престижната награда што ми ја доделија од Google за мојата истражувачка работа во полето на ко-дизајн на оперативни системи и датабази.