Кајакари ќе веслаат скоро 400 километри од Вруток до Солун за да ги зближат Македонија и Грција

Кајакари ќе веслаат скоро 400 километри од Вруток до Солун за да ги зближат Македонија и Грција

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Тоа се вкупно 388 километри и колку што знаеме, никој до сега ја нема поминато целата должина на реката – вели за Факултети.мк Михаил Пеневски, извршен директор на предизвикот, Македонец кој живее во Австралија


Предизвикот ќе почне на 11 јуни
Кајакари од Македонија и до Грција ќе веслаат скоро 400 километри од Вруток до Солун, водени од желбата да се поврзат луѓето од двете земји и антагозимот да го заменат со пријателство. Акцијата е наловена „Вардар/Аксиос челинџ“ и ќе почне на 11 јуни, на изворот на реката. Кајакари и кајакарки од двете земји ќе се соберат во Вруток и ќе го почнат предизвикот да ја поминат целата должина на реката до Егејското Море.
- Тоа се вкупно 388 километри и колку што знаеме, никој до сега ја нема поминато целата должина на реката – вели за Факултети.мк Михаил Пеневски, извршен директор на предизвикот, Македонец кој живее во Австралија.


Реката да ги зближи народите   Фото: Pixabay

Целта на иницијативата е да се приближи граѓанското општество на Македонија и Грција преку спорт. Да се покаже дека жителите на двете земји имаат моќ и потенцијал да се издигнат над политичките разлики, и да се приближат и да соработуваат врз база на заеднички цели и интереси.


Михаил Пеневски, извршен директор на предизвикот

Предвидено е предизвикот да трае од пет до седум дена. Сè зависи од условите на реката и кондицијата на учесниците. Почетокот ќе биде во Вруток, а крајот во Солун. Секој учесник треба да донесе кајак (или рафт ако се работи за тим), безбедносна опрема (појас за спасување), храна, вода и засолниште (шатор).
Повикот за учество е отворен и за професионалци и за аматери. Досега се пријавиле професионални кајакари, но има и учесници кои немаат големо искуство. Целото течение на Вардар ќе го велсаат членови на различни кајакарски клубови од Македонија и од Грција, поранешни учесници на олимписки игри, и аматери-ентузијасти од двете земји.

- Ова е сериозна експедиција што бара солидна кондиција бидејќи ќе кајакариме десетина часа на ден. Навечер ќе кампуваме покрај реката. Ќе се поддржуваме, но предизвикот не е за потеценување. Мора да се има предвид дека солидна физичка кондиција и издржливост ќе бидат неопходни за да се поминат 388 километри на кајак. Вардар, како секоја друга река, мора да се третира со голема почит низ целото течение - објаснува Пеневски.


Делтата на Вардар во Егејско Море

Како се родила идејата Вардар да биде врската која ќе биде искористена и како метафора за поврзување на двата народа? Пеневски објаснува дека сме сведоци на голем антагонизам и речиси непремостиливи разлики меѓу голем дел од граѓаните на двете земји.
- Реката Вардар, или Аксиос како што ја нарекуваат во Грција, ги поврзува Република Македонија и Грција и затоа има потенцијал да биде река на поврзување и пријателство. Во срцето на оваа иницијатива е желбата да се поврзат луѓето од двете земји, водени од заедничка цел, што би придонело кон поголемо разбирање и пријателство. Со тоа ќе понудиме различна наратива од таа на раздор, неразбирање и антагонизам. Колку што имаме информација, до сега никој ја нема поминато целата должина на Вардар на кајак. Тоа за нас претставува возбудлив предизвик – вели тој.


Потребна е добра кондиција за да се веслаат 388 километри   Фото: Pixabay

Организаторите веќе испратиле отворена покана до странски амбасади и консуланти, интернационални организации и жители на други земји кои што би сакале да ја подржат иницијативата. За целата акција е отворен и добротворен фонд. Дел од собраните пари ќе биде насочен за помош и поддршка на најранливите групи граѓани во двете земји. - Оваа година средствата ќе бидат донирани за подршка на СОС Детските Села каде се згрижуваат деца без родителка грижа. Другиот дел од фондот ќе биде насочен кон основање на организација за соработка и пријателство меѓу двете земји. И покрај политичките разлики, граѓаните на двете земји исто така имаат слични интереси и се соочуваат со слични предизвици. Само преку соработка и заеднички иницијативи можеме да придонесеме за подобра иднина – вели тој.