Кој е мистериозниот човек на фотографијата на славниот музички албум на „Битлси“?

Кој е мистериозниот човек на фотографијата на славниот музички албум на „Битлси“?

Подготвил: Б.Б.


Еби Роуд - најпознатата обвивка на музички албум
(Фото: Apple Corps.)


Насловната страна на албумот „Еби роуд“ на легендарните „Битлси“, е една од најпрепознатливите во историјата на музиката. На прочуената фотографија на четворката од Ливерпул каде поминуваат на пешачки премин во Лондон, сосема случајно во позадината се нашол и еден турист.

Во текот на годините, фановите на „Битлси“ пронашле многу интересни „скриени“ детали на обвивката, како оној дека Пол Макартни е бос, или дека паркираниот фолксваген „буба“ имал таблички LMW 281F. Сепак, обожавателите на култниот бенд најмногу биле заинтригирани од непознатиот маж во позадината.

Откако се открил и тој детаљ, многумина се јавиле тврдејќи дека токму тие се на фотографијата. Иако не е стопроцентно утврдено, повеќето веруваат дека станува збор за американскиот турист Пол Кол, кој таму се нашол целосно случајно.

Во интервјуто за „Дејли мирор“ од 2004 година, Кол истакнал дека на улицата ја чекал својата сопруга која била во посета на музеј.

„Посетив многу музеи. Ќе останам овде, надвор, да видам што се случува“,  се потсетил што ѝ кажал на сопругата.

„Разговарав со луѓето. Излегов надвор, видов еден полицаец кој седеше во автомобил и почнав да разговарам со него.“

Бендот најмил полицаец да го блокира сообраќајот додека го завршат снимањето, кое траело десетина минути, како што тврди фотографот Иан Макмилан.

„Се сеќавам дека најмивме полицаец да го блокира сообраќајот додека јас качен на скали ги снимав фотографиите“, истакнал тој за „Гардијан“.

Тоа се случило на 8 август 1969 година. Фотографијата која ја одбрале била единствената во која сите членови на бендот имале совршена „V“ формација со нозете. Со оглед на времето кое било потрошено во планирањето на фотографијата, навистина е чудо што на неа се нашол еден непознат човек во позадината.

„Случајно го дигнав погледот и ги видов дечките како ја поминуваат улицата како пајчиња“, рекол Кол додавајќи дека ги нарекол толпа од чудаци затоа што „изгледале прилично радикално за тоа време“.

Господинот Кол дури по шест месеци, кога се вратил во Америка, сфатил на што присуствувал. Случајно ја забележал обвивката од албумот и веднаш се препознал.

„Им кажав на децата: Земете лупа и ќе ме видите“, се присетил тој.

За жал, Кол кажал дека никогаш не стигнал да го преслуша албумот и дека не знае ниту една песна од „Битлси“. Тој починал во 2008 година, на 98-годишна возраст, а некои сè уште шпекулираат дали на фотографијата воопшто бил тој.