Најмладата канадска пензионерка има 34 години

Најмладата канадска пензионерка има 34 години

Подготвил: Б.Б.


Кристи Шен
(Фото: Wavebreak / Youtube)


Кристи Шен најверојатно е најмладата пензионерка во Канада. Во 2014 година, кога имала само 31 година, ја напуштила работата како компјутерски инженер и заминала во пензија. На својата сметка имала еден милион долари, а моментално патува низ светот заедно со споругот Брус, пишува „Индипендент“.

Кристи во видеоблог опишала како успеала да собере еден милион долари и да замине во пензија на толку млада возраст и како планира да се издржува натаму.

Според Шен, пензијата не значи само излежување на некоја плажа. Тоа значи дека едноставно не мораш да работиш повеќе затоа што доволен ти е пасивниот приход од твоето портфолио (приход од дивиденди на акции и разни други инвестиции), а дали и натаму ќе работиш зависи само од твојата желба и волја.

Шен, исто така установила дека ако си рационален, пензионирањето воопшто не мора да биде „скапа“ работа.

„Луѓето не сфаќаат колку пари трошат за да одат на работа. Треба да се плати секојдневниот превоз до работа и назад, храна за на работа, облека за работното место... Тоа се смешно високи износи. Освен тоа, луѓето кои имаат деца трошат значителни средства за чување на децата додека се на работа. Една од работите кои луѓето не ги сфаќаат кога заминуваат во пензија е фактот дека трошоците за живот ќе им се намалат затоа што сите трошоци околу одењето на работа едноставно ќе исчезнат.“

Трошоците за живот навистина можат да се намалат, но само ако бидете внимателни со парите. Шен вели дека флексибилноста е клуч ако планирате да живеете од пасивни приходи (дивиденди, заштеди или нешто слично).

„Сметам дека не морате да се откажувате од многу работи, туку само треба да бидете флексибилни и да им дадете приоритет на навистина важните работи. Не смеете да трошите пари на бесмислици. Освен тоа, не смеете да се фиксирате на идејата да живеете токму во Торонто или Сан Франциско или на некое друго скапо место, туку да живеете таму каде што ви е поевтино со оглед дека не сте врзани со работа.“