Во која земја од регионот треба да работите за да имате највисока плата?

Во која земја од регионот треба да работите за да имате највисока плата?

Подготвил: Д.Ф

Само вработените лица од Албанија имаат пониски плати од работниците во Македонија кога станува збор за споредба со земјите во регионот. Највисоки месечни приходи имаат Грците, а веднаш зад нив се Хрватите, покажува компаративниот информатор за пазарот на труд во Македонија и во земјите од регионот.



Според податоците во информаторот, кој е дел од проектот “Поддршка за македонската парламентарна реформа” имплементиран од Фондација за демократија на Вестминстер (Македонија), просечната нето плата во Македонија во 2017 година изнесувала 378 евра. Пониска просечна плата од Македонија се исплаќа само во Албанија, каде во истиот период таа изнесувала 290 евра. Највисоки месечни примања од сите земји во регионот се исплаќаат во Грција каде просечната нето плата изнесува 917 евра, по што следат Хрватска со 790 евра и Црна Гора со 511 евра. Во средината на табелата се Бугарија со просечна плата од 424 евра и Србија со 403 евра.     

Кога станува збор за минималната бруто плата, Македонија стои нешто подобро од дел од соседите. Минималната бруто плата во земјава изнесува 240 евра, за разлика од Бугарија каде е 235 евра и Албанија каде изнесува 163 евра. Подобро од Македонија стојат Србија со 248 евра бруто минимална плата, Црна Гора со 288 евра, Хрватска со 433 евра и Грција со 683 евра.  

Генерално, во сите земји од регионот, најмногу вработени има во услужните дејности. Тој процент е најголем во Црна Гора, каде дури 74 отсто од вработените се ангажирани во услужните дејности. Следат Грција со 73 отсто, Србија со 68 отсто и Хрватска со 66 отсто. Процентот на луѓе во Македонија кои се вработени во услужниот сектор е најмал од сите земји во регионот и изнесува 53 отсто од вкупната бројка на вработени. Затоа пак, Македонија има најголем процент на вработени во земјоделството, при што 16 отсто од вкупниот број вработени лица работат во овој сектор. Овој процент во Грција е 12 отсто, во Црна Гора е 8 отсто, во Хрватска е 7 отсто, а во Србија е најмал и изнесува само 2 отсто. Македонија исто така има најмногу вработени во индустријата споредено со земјите од регионот, односно овој процент изнесува 31 отсто од вкупниот број вработени. Следат Србија со 30 отсто, Хрватска со 27 отсто, Црна Гора со 18отсто и Грција со 12 отсто вработеност во индустријата.

- Што се однесува до просечните бруто плати по сектори, може да се констатира дека тие се најмали во земјоделството и тоа речиси во сите држави, освен во Црна Гора. Тие се движат од 248 евра во Албанија, потоа 440 евра во Македонија, 499 евра во Србија, 819 евра во Црна Гора и 908 евра во Хрватска. Од друга страна, просечните бруто плати во индустријата и во услужните сектори се скоро изедначени во сите држави и тие се движат од 346 евра во индустријата, односно 391 евро во услужните дејности во Албанија, до 1.116 евра во индустријата, односно 1.121 евро во услужните сектори во Хрватска – пишува во извештајот.  

Просечна исплатена нето плата во земјите од регионот:

Албанија - 290 евра

Македонија – 378 евра

Србија – 403 евра

Бугарија – 424 евра

Црна Гора – 511 евра

Хрватска – 790 евра

Грција – 917 евра