Оклахома воведува егзекуција на затвореници со азотен гас

Оклахома воведува егзекуција на затвореници со азотен гас

Подготвил: Билјана Арсовска

САД се соочуваат со недостиг на лекови, поточно со недостиг на легални инјекции па сојузните држави каде сѐ уште се практикува смртната казна мораат да бараат нови начини на убивање луѓе. Оваа недела Оклахома соопшти дека ќе почне да користи азотен гас за егзекуциите, со што стана првата американска сојузна држава која ќе го прави тоа. Критичарите се загрижени дека методот сѐ уште не е докажан за етичка алтернатива и дека Оклахома допрва треба да изготви протокол за процедурата.


Фото: Pixabay

Разбирливо, фармацевтските компании не сакаат да бидат поврзани со лекови кои убиваат луѓе, дури и ако тие лекови се користат за убивање на луѓе осудени за прекршоци. Многу компании направија дополнителни напори да се осигураат дека нивните продукти не се користат во смртоносни инјекции. Така, недостатокот од лекови за убивање принуди некои држави да ги оживеат постарите методи за егзекуција. Во Алабама, Тенеси и Вирџинија, законодавците предложија повторно воведување на електричната столица, а во Јута властите го вратија стрелачкиот одред. Колку и да звучат варварски, некои затвореници рекоа дека повеќе би сакале да бидат застрелани, отколку да ги преживуваат ужасите од лошата смртоносна инјекција.

Во 2015 година Оклахома одобри асфиксирање на азот како резервен метод за убивање по неуспешна егзекуција во која лош лек беше искористен за убивање на затвореникот Чарлс Варнер. Сега Оклахома вели дека ќе користи азот за сите егзекуции. Оваа идеја всушност се врти веќе некое време. Задушувањето со инертен гас, или хипоксија, без разлика дали тоа е азот, аргон, хелиум или метан, ги намалува концентрациите на кислород во крвта кога лицето ќе биде ставено во опкружување сиромашно со кислород. Околу десет лица годишно го губат животот во САД поради несакано задушување со азот, а тоа обично се луѓе кои работат во индустриски фабрики, лаборатории и медицински објекти. Азотниот гас е безбоен и нема мирис и често се користи за убивање животни.

Проблемот е што азотниот гас никогаш не бил тестиран на луѓе, па не сме сигурни колку лесно би се вршеле овие егзекуции. Кога атмосферските концентрации на кислород се помали од 12,5 отсто, луѓето доживуваат слаба проценка и координација и нарушено дишење кое може да предизвика трајно оштетување на срцето, гадење и повраќање. Кога нивоата на кислород се помали од десет отсто, азотниот гас предизвикува целосна неспособност за движење, губење на свеста и на крајот смрт. И покрај овие ужасни симптоми, убивањето со азот неколку пати во минатото беше оценето како етичко.

-Овој метод никогаш претходно не бил користен и е експеримент. Оклахома уште еднаш бара да ѝ веруваме додека службениците ја учат работата преку нова процедура на егзекуција. Како можеме да веруваме дека Оклахома ќе го изведе ова на вистински начин кога неодамнешната историја на државата открива култура на негрижа и грешки во егзекуција - запраша Дејл А. Бejч, адвокат кој застапува околу 20 затвореници од Оклахома.

Азотот никогаш претходно не бил користен на овој начин, барем не се познати такви случаи и не постои протокол за негова употреба во егзекуции. Очигледно, сѐ што е потребно е гас маска и контејнер со азот, според финансиските анализи изготвени од страна на законодавците од Оклахома. Секако, секогаш постои можност да се укине смртната казна, како што направија повеќе од половина од нациите во светот.