Моќта на израелскиот „комарец“

Моќта на израелскиот „комарец“

Подготвил: Билјана Арсовска

Лектор: Ивана Кузманоска

Израелските експерти од Универзитетот „Бен Гурион“ докажаа дека за упад во компјутер и кражба на податоци не е потребно тој да биде поврзан со интернет. Тие развија нов метод што овозможува размена на податоци помеѓу два неповрзани компјутери преку звучници или слушалки.


Фото: B92

Во комбинација со малициозен код, овој метод овозможува претворање на звучниците во уреди за прислушување, но и во уреди за испраќање податоци, дури и во случаи кога микрофонот не е поврзан со компјутер.

Израелските експерти уште минатата година докажаа дека е можно да се соберат аудиоснимки од сè што се случува околу компјутерот преку слушалките поврзани со тој компјутер. Користејќи специјално дизајнирана злонамерна содржина, тие успеаја локално складираните датотеки да ги претворат во аудиоснимки и потоа со помош на air-gap и на ултразвучните бранови да ги пренесат на друг компјутер во опсег од еден до девет метри.

Иако за потребите на овој проект, наречен „Комарец“, експертите мораа да смислат посебен протокол, тие докажаа дека е можно да се упадне и да се крадат датотеки од изолиран компјутер.

Тие, исто така, истакнаа дека компаниите и организациите што ракуваат со доверливи податоци треба да го земат предвид и ваквиот начин на упад во системот и кражбата на податоци и физички да ја исклучат секоја аудиоопрема на компјутерите.

Израелскиот проект се фокусира на компјутери, но не е тешко да се замисли за какви илегални потфати би можел да се искористи „Комарец“ ако основниот протокол се приспособи на паметните телефони.