Најскапиот деликатес во Шпанија

Најскапиот деликатес во Шпанија

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

јагула
Фото: Getty Images

Младата јагула е едно од најскапите јадења во Шпанија, но кога ќе ја видите првпат неизбежно е да се запрашате зошто е тоа така, бидејќи не е многу привлечно јадење.

Живи, јагулите се проѕирни и лигави, слични на минијатурни змии. Кога се приготвени, личат на мртви црви, со исклучок на нивните две точки, што всушност се нивните очи.

Меѓутоа, многу работи што не изгледаат добро се вкусни. Интересно е тоа што во Шпанија не е дека „ангулите“ (така ги нарекуваат) имаат добар или лош вкус. Всушност, тие немаат вкус, а се многу скапи - 1.000 евра за килограм. Она што е почудно е дека постои легенда што вели дека некогаш биле потценети и биле храна за кокошки и свињи.

За многу Шпанци тешко е да разберат зошто некои луѓе се подготвени да платат толку многу за јагула. Особено затоа што традиционалниот рецепт е пржење на лук и лути пиперчиња во многу маслиново масло, а потоа додавање на јагулите, со цел да се неутрализира нивниот вкус.

Кога станува збор за нивниот животен циклус и место на живеење, јагулите живеат во слатки води, може да дишат преку нивната кожа и да патуваат по копно долги дестинации. Не јадат речиси ништо, а потоа на 10-годишна возраст пливаат по течението на реките низ цела Европа до Атлантскиот Океан и некако (не ѝ е познато на науката како) го пронаоѓаат патот до Саргасовото Море, на околу 5.000 километри. Во длабочините, на повеќе од 5.000 метри, тие се мрестат и умираат, а нивните јајца патуваат со Голфската струја кон Европа, патување што трае најмалку две години.

1
Фото: Mike Randolph

Кога конечно ќе пристигнат до атлантските брегови на Шпанија, риболовците ги чекаат со мрежите. Сезоната започнува во ноември, а најдобриот период за нивно ловење е во средината на најстудените, најцрните и најдождливите ноќи кога плимата е силна и водата е заматена.

Најпрвиот улов на рибарите е и најскап на аукциите. Во 2016 година првиот улов од 1,26 килограм се продал за 5.500 евра, додека вториот улов, со иста тежина, се продал за 1.070 евра.

„Сакам малку да го испромовирам мојот ресторан, но и сакам да искажам почит кон рибарите. Атмосферата на аукцијата е доста возбудлива. Станува збор за голем медиумски настан. Наредниот ден името на мојот ресторан беше во секој весник и на секоја програма на телевизија“, вели Хозе Гонзало Хевиа, човекот што ги купи и првиот и вториот улов.

На прашањето зошто јагулите се толку посебни и скапи, тој вели: „Текстурата е најважна“.

„Не би платил толку пари за нив. Немаат никаков вкус, немаат боја, ниту мирис. Марулата има повеќе мирис“, вели еден шпански келнер.

Порано јагулите биле храна на работничката класа во Северна Шпанија, но тој период имало голем број јагули, па затоа биле евтини. Како што тие станувале поретки и како што нивната цена се зголемувала, така компанијата „Ангулас Агуинага“ видела можност и во 1991 година, користејќи сурми (преработена риба), создала имитација на јагулата што едноставно се вика гула. Иако изгледа исто, сепак вкусот не е ист. Гулата е помека и има вкус на риба.

3
Фото: Mike Randolph

Дел од причината зошто јагулите се толку скапи е деградацијата на животната средина, така што денес се загрозен вид. Улога имале и Мишелин-готвачите.

„Ексклузивноста отсекогаш играла улога во гастрономијата“, вели Гонзалес. Тој го споредува јадењето јагули со купување шише вино вредно 5.000 евра, што е далеку од неговата вредност, но вреди за некој дури и само ако покажува статус. Признавајќи дека јагулите немаат некој вкус, Гонзалес ужива во текстурата. „За љубител на храна, во посебна пригода, 80 евра за предјадење не е неприфатливо“, вели тој.