Новиот германски министер за внатрешни работи најави потег што ќе ја стресе ЕУ

Новиот германски министер за внатрешни работи најави потег што ќе ја стресе ЕУ

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

germanija
Фото: Reuters

Новиот германски министер за внатрешни работи Хорст Зехофер сака да ја задржи контролата на германските граници. Тој сака да ја прошири контролата и на другите премини, со што Германија практично би излегла од шенген-системот.

„Контролата на границите со соседите мора да биде поставена сè додека Европската Унија не воведе поефикасна заштита и контрола на надворешните граници. Но не гледам дека ова во догледно време би можело да успее“, изјави Зехофер.

Тој исто така објави дека контролите треба да се прошират и на другите германски премини.

„Моментално, голем дел од граничните премини во Германија не се трајно контролирани. Мораме да зборуваме за тоа дали може така да остане. Не станува збор само за спречување илегално преминување на границите, туку и за другите заштитни функции“, додава тој.

Во моментов, шенгенскиот систем, на германско барање, е укинат на германско-австриската граница, а на барање на Данска, на германско-данската граница.

Зехофер се залага и за посистематско исклучување на луѓето на кои им е одбиено барањето за азил. Тој побара засилување на персоналот во судовите кои одлучуваат за барање за азил и протерувања и вети помош на државите во процесот на протерување лица за кои не постои законска основа за престој во Германија.

Новиот министер за внатрешни работи и до неодамна премиер на Баварија презел чекори за промена на односите со источните членки на ЕУ, кои одбиваат примање на мигранти.

„Ако трпеливо преговараме, голем дел од овие земји ќе прифатат да ги распределат бегалците. А некои земји на некој друг начин би можеле да се ангажираат во решавање на проблемите, да речеме со зголемен ангажман во заштита на заедничките надворешни граници“, изјави тој.

Зехофер е еден од најжестоките критичари на либералната мигрантска политика на Меркел. Во Баварија наесен ќе се одржат избори за локален парламент на кој партијата на Зехофер ќе се бори да го зачува апсолутното мнозинство.