143 милиони луѓе наскоро би можеле да станат „климатски мигранти“

143 милиони луѓе наскоро би можеле да станат „климатски мигранти“

Подготвил: Тамара Гроздановски

Лектор: Ивана Кузманоска

миграции
Фото: Reuters

До 2050 година од три светски региони во развој би можеле да емигрираат повеќе од 140 милиони луѓе во обид да ги избегнат последиците од климатските промени, како што се лошите земјоделски услови, недостигот на вода за пиење и зголемувањето на нивото на морето, предупредува Светската банка.

Во извештајот објавен во понеделникот од страна на Светската банка се наведува дека 86 милиони потенцијални „климатски мигранти“ би можеле да ја напуштат супсахарска Африка доколку не се преземе нешто. 40 милиони би биле од Јужна Азија и околу 17 милиони од Латинска Америка.

„Климатските промени секојдневно стануваат сè поголема економска, социјална и егзистенцијална закана за луѓето“, изјави извршната директорка на Светската банка, Кристалина Георгиева.

„Сведоци сме на такви појави во градовите соочени со недостиг на вода без преседан, во крајбрежните региони уништени од многу бури, во подрачја каде што повеќе не може да се произведуваат дури ни основните земјоделски производи“, додаде таа.

Таа истакна дека климатските промени на неповратен начин станаа „движечка миграција“, принудувајќи ги поединците, семејствата, па дури и цели заедници да бараат места каде што ќе можат да живеат во нормални услови.

Внатрешните климатски промени во истиот регион одамна се реалност. „Климатските“ мигранти ќе им се приклучат на милион луѓе кои биле принудени да ги напуштат домовите поради политички, економски и социјални причини.

Авторите на извештајот спровеле три студии на случај. Едната била спроведена во Етиопија, каде што до 2050 година демографскиот раст би можел да достигне 85 отсто, а миграцијата би се должела на лошото земјоделско производство.

Втората студија била спроведена во Бангладеш, каде што постои опасност дека „климатските мигранти“ до 2059 година ќе станат најбројни од сите други видови мигранти. Последната студија била спроведена во Мексико, каде што населението од сиромашните области погодени од климатските промени ќе се пресели во урбаните области.

Треба да се има предвид дека раселувањето на жителите поради климатските промени нема да се претвори во хуманитарна криза и нема да го загрози развојот на некои земји. Научниците што го спровеле истражувањето тврдат дека кога политичарите би дејствувале истовремено на „повеќе фронтови“, кога би го намалиле ефектот на стаклена градина, кога би ја вклучиле миграцијата во планот на развојот на земјата и би вложиле средства во подобро разбирање на процесот на внатрешната миграција како последица од климатските промени, миграциското движење може да се намали за 80 отсто.