„Гардијан“ откри скандал од невидени размери: Колку се безбедни личните податоци на „Фејсбук“?!

„Гардијан“ откри скандал од невидени размери: Колку се безбедни личните податоци на „Фејсбук“?!

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска


Логото на „Фејсбук“ се огледува во нечии очи
(Фото: Pixabay)


„Cambridge Analytica“, компанија за анализа на податоци која работела на изборната кампања на Доналд Трамп и на кампањата за Брегзит, во еден од најголемите упади во личните податоци на корисниците на социјалната мрежа „Фејсбук“ собрала податоци од милиони американски гласачи и ги искористила за изработка на софтвер кој предвидува и влијае врз изборите за време на гласањето, објави британскиот „Гардијан“, односно неговиот „Обзервер“, врз основа на истрагата што ја водел во текот на една година.

Ова откритие отвора ново прашање во врска со улогата на „Фејсбук“ во пресрет на американските претседателски избори. Случајот бил откриен по само неколку недели откако посебниот истражител Роберт Милер, кој се обидел да го долови постоењето на т.н. руска врска, обвинил 13 руски државјани дека ја искористиле социјалната мрежа „Фејсбук“ за „информациска војна“ против САД.

Во рамките на својата истражувачка работа „Гардијан“ стапил во контакт со 28-годишниот Кристофер Вајли, канадски експерт за аналитика и свиркач кој им открил и им потврдил дека во „Cambridge Analytica“ користеле лични податоци на корисници на „Фејсбук“ кои биле преземени без дозвола на почетокот на 2014 година, со цел да воспостават систем кој би ги профилирал поедини избирачи во САД, така што ќе ги направат мета на персонализирани политички огласи. Оваа компанија е во сопственост на американскиот милијардер и донатор на Трамп, Роберт Мерсер, а своевремено ја водел поранешниот советник на претседателот на САД и главен стратег во Белата куќа, Стив Бенон.

„Го искористивме ’Фејсбук‘ за да собереме милиони профили. Изградивме модели преку кои би го користеле само она што го знаеме за нив и би целеле на нивните внатрешни демони. Тоа е основата на која е изградена целата компанија“, раскажал Вајли. Повикувајќи се на документите што ги добиле на увид, од „Гардијан“ пишуваат дека до крајот на 2015 година „Фејсбук“ дознал за собирањето на податоците. Но, не ги известиле корисниците за тоа и презеле ограничени чекори за да ги вратат и да ги осигурат приватните податоци на повеќе од 50 милиони корисници. Податоците биле собрани преку апликацијата thisisyourdigitallife што ја креирал Александр Коган, чија компанија „Global Science Research“ соработувала со „Cambridge Analytica“ – на стотина илјади корисници им платиле меѓу два и пет долари за да учествуваат во тест на личноста и тие се нафатиле нивните податоци да бидат собрани за академски цели. Но, и покрај тоа, апликацијата собрала и податоци за нивните пријатели на „Фејсбук“. Податоците помогнале при создавањето алгоритми кои ги одредувале персоналните црти поврзани со гласачките преференции, така што ја стекнале можноста за идентификација на неодлучните – и за креирање пораки на кои би можеле да реагираат и тие.

„Фејсбук“ во петокот објавил дека ги суспендирал од платформата и „CA“ и Коган, но и Вајли па и самите „CA“ ја негирале малверзацијата на податоците. Сепак, Вајли на „Гардијан“ им покажал докази кои фрлаат сомнеж на тоа тврдење. Меѓу пишаните докази со кои располага Вајли, кои им ги предал на британските и на американските власти, се наоѓа и писмо што му го испратиле адвокатите на „Фејсбук“ во август 2016 година. Во писмото тие бараат да ги уништи сите податоци што можеби ги има во своја сопственост, а кои ги собрала компанијата на Коган. Писмото му било пратено неколку дена пред да биде службено објавено дека Бенон станува шеф на предизборната кампања на Трамп.

„Со оглед на тоа што податоците се собрани и користени без дозвола, и затоа што од ’Global Science Research‘ немале дозвола да ги споделуваат или да ви ги продадат, тие не може легитимно да се користат во иднина и треба веднаш да се избришат“, стоело во писмото. Од „Фејсбук“ тврдат дека немало безбедносен упад. Наведуваат дека Коган на легитимен начин и преку соодветни канали добил пристап до податоците, но дека дополнително не се придржувал до нивните правила, со оглед на тоа што податоците ги проследил до трети странки. Наведуваат дека апликацијата ја отстраниле во 2015 година и дека од вработените побарале да ги уништат копиите од податоците. Коган, кој има врска со руски универзитет и кој за своето истражување добил руска поддршка, тврди дека сѐ било легално. Адвокатот на Бенон, пак, негира дека неговиот клиент е запознаен со наведеното обвинение.