Луѓето масовно ги бришат профилите на „Фејсбук“, Закерберг молчи

Луѓето масовно ги бришат профилите на „Фејсбук“, Закерберг молчи

Подготвил: Билјана Арсовска

Личните податоци на 50 милиони луѓе беа украдени и злоупотребени без одобрение од „Фејсбук“, а потресот се почувствува во Вашингтон, Лондон и во целиот свет. Американските службеници повикуват на истрага, кампањата #DeleteFacebook се вжештува, а Марк Закерберг не се огласува.


Фото: B92

„Фејсбук“ објави дека независен тим дигитални форензичари ќе спроведат истрага и ќе се обидат да утврдат дали компанијата „Кембриџ аналитика“ и понатаму располага со спорните податоци кои ги добила од „Глобал сајенс рисрч“ (ГСР).

-Ако податоците и понатаму постојат, тоа би било тешко кршење на правилата за користење на „Фејсбук“ и неприфатливо кршење на довербата и обврските кои ги презеле овие групации - истакнаа од „Фејсбук“.

Тешко дека пожарот ќе се изгасне само со ангажирање форензичари и со таа реченица, па американските и британските службеници го повикаа првиот човек на „Фејсбук“, Марк Закерберг да сведочи.

-Време е да престане да се крие зад својот „Фејсбук“ профил - истакна британскиот пратеник од редовите на Конзервативната партија, Демјан Колинс, кој е и претседател на комитетот за култура, медиуми и спорт.

Тој е само еден од низата службеници кои ги повикаа државните органи да спроведат истрага, но и да се сослушаат челницие на другите IT гиганти како „Твитер“ и „Гугл“.

Истовремено и обичните луѓе водат своја борба преку кампањата #DeleteFacebook, чија главна порака е дека „Фејсбук“, во најдобар случај, е нешто поради што залудно го трошите своето време, а во најлош случај, е нешто што навистина ви нанесува штета и ви ја нарушува приватноста, како во случајот со овој скандал.

Светските медиуми објавуваат упатства како да го деактивирате својот профил на „Фејсбук“, а има повици и корисниците да се откажат од другите сервиси кои функционираат под капата на „големото Ф“ - „Инстаграм“ и „Ватсап“.

За потсетување, процесот на бришење на вашиот профил на „Фејбук“ е прилично едноставен.

  • логирајте се на „Фејсбук“
  • влезете во Settings
  • кликнете на Edit покрај Manage account
  • кликнете на Request account deletion
  • следете ги понатамошните упатства

Постои и опција за деактивирање на профилот со која вашите податоци се скриени додека следниот пат не се логирате.

Меѓутоа, одамна има приказни за тоа дека никогаш не можете целосно да тргнете се што сте постирале затоа што постои „профил на сцена“ во кој се складираат вашите навики, односи со другите луѓе и слично. Сепак, на интернет постојат разни скриптии кои постепено ги бришат сите интеракции на социјалните мрежи, па и на тој начин можете да го избришете своето присуство на „Фејсбук“.