Ученици од гевгелиската гимназија добија почесно признание на поетски фестивал во Трст

Ученици од гевгелиската гимназија добија почесно признание на поетски фестивал во Трст

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Меѓу 2.000 учесници, средношколците Атанас Атанасов и Сара Цицмиловиќ добија вредна награда за четиријазичната збирка „Градина на мојата душа“


Младите поети Атанас Атанасов и Сара Цицмиловиќ заедно со своите професорки

За четиријазичната збирка „Градина на мојата душа“, ученици од гимназијата „Јосиф Јосифовски-Свештарот“ добија почесно признание на светскиот поетски фестивал „Замокот на Дуино“ што се одржа во Трст, Италија. Средношколците Атанас Атанасов и Сара Цицмиловиќ, под менторство на проф. Жаклина Атанасова и координаторот на проектот, проф. Александра Митровска, добија почесно признание во категоријата училишни проекти за ученици до 16 години.
Оваа збирка е отпечатена на македонски, англиски, италијански и на шпански, а преводите ги направија професорката Кристина Пренда, Валериа Феранте, Игор Џаманко и Бојана Петрова, а дизајнот го креира Филип Димков. Дел од своите песни учениците прочитаа на церемонијата на доделувањето на наградите, а своите поетски творби, заедно со други добитници, ги читаа на Плоштадот на италијанското единство пред Градското собрание, настан организиран во чест на Стивен Хокинг.


Централниот настан на фестивалот се одржа во Замокот на Дуино (културно-историска знаменитост на Трст од 13 век), кој беше проследен со голема мeдиумска покриеност. Фестивалот го организира Poesia e Sоlidarieta, во соработка со Универзитетот на Трст и Центарот за меѓународни студии и документирање на култура за млади.
Учеството и присуството на овој значаен поетски настан го помогна и Општина Гевгелија.
Настанот вклучува многубројни активности од областа на литературата и сликарството, во кои учествуваат ученици од голем број земји. На поетскиот фестивал му претходеше литературен конкурс на тема „Куќа“, во соработка со Министерството за образование и наука, кое го оценуваше меѓународно жири составено од универзитетски професори од повеќе земји. Македонските ученици беа во конкуренција на тимови од: Италија, Грција, Мексико, Јужноафриканска Република, Кипар, Шпанија и др.