Поединци веќе нема да носат одлуки за сите студенти

Поединци веќе нема да носат одлуки за сите студенти

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Универзитетското студентско собрание ќе биде тело на универзитетот во кое ќе членуваат претставници на студентите. Тоа ќе избира студентски претставници во Сенатот и другите органи и тела на универзитетот, ќе предлага студентски правобранител, ќе се грижи за квалитетот на животот на студентот и квалитетот на процесот на студирање, студентскиот стандард.



Студентските парламенти и досегашниот начин на студентско организирање одат во историјата. Со предлог законот за високо образование комплетно е променет начинот на функционирање на студентското движење. За разлика од досегашното законско решение, тие ќе бидат тела на универзитетот, факултетот односно високата стручна школа.

Мандат до една година

Се предлага студентите да се организираат во Студентски собранија кои ќе се финансираат од средства на високообразовната установа, како и од легати, подароци, прилози и други извори. Тие нема да бидат водени од поединци, а високо образовните институции ќе треба да им овозможат автономно располагање со средства за нивната работа, но ќе вршат и надзор над наменското трошење на средствата. Универзитетското студентско собрание ќе биде тело на универзитетот во кое ќе членуваат претставници на студентите.
Тоа ќе избира студентски претставници во Сенатот и другите органи и тела на универзитетот, ќе предлага студентски правобранител, ќе се грижи за квалитетот на животот на студентот и квалитетот на процесот на студирање, студентскиот стандард...
Универзитетското студентско собрание ќе биде составено од претставници на студентите именувани од редот на претставниците избрани во факултетското студентско собрание. Претседател на универзитетското студентско собрание ќе се избира од редот на претставниците именувани во универзитетското студентско собрание. Мандатот на членовите и на претседателот на универзитетското студентско собрание ќе трае една година, со право на уште еден избор.



Факултетски и универзитетски собранија

Работата на универзитетското студентско собрание ќе се финансира со средства на универзитетот во рамките на кој истото делува. Факултетското студентско собрание пак, ќе биде тело на факултетот во кое членуваат претставници на студентите.
Претставниците во факултетското студентско собрание се избираат на непосредни, фер и демократски избори со тајно гласање. Изборите за членовите на факултетското студентско собрание треба да ги распишува деканот во рок од 30 дена пред нивното одржување. Заради остварување на правата и заштита на интересите на студентите, факултетското студентско собрание ќе ги избира и разрешува претставниците на студентите во органите на факултетот, во согласност со закон, со статутот на универзитетот и статутот на факултетот.

Новите претставници на студентските собранија треба да се изберат во рок од 6 месеци од денот на стапување во сила на новиот закон за високо образование, а ќе се избере и нов студентски правобранител и заменик студентски правобранител. Во образложението на предлог измените во законот за високо образование се вели дека стариот начин, создаде неефикасно студентското организирање, кое не овозможува демократско претставување на студентите во целост, туку истото се ограничува на поедини групи на студенти, а голем дел од студентите се исклучени и маргинализирани.