Заборавете ги лозинките: личните податоци ќе ги заштитуваме на поинаков начин

Заборавете ги лозинките: личните податоци ќе ги заштитуваме на поинаков начин

Подготвил: Б.Б.

Лектор: Ивана Кузманоска


Скенирање на лик
(Фото: Thinkstock)


Сè повеќе компании во светот се откажуваат од лозинките свртувајќи се кон многу посигурна заштита – употреба на биометриски податоци.

Биометриската автентикација ги користи лицето, отпечатоците на прстите или скенови од рожницата за брза потврда на нечиј идентитет.

Производителите на паметни телефони веќе воведоа отклучување на уредот преку биометриска автентикација, а сега сè почесто истиот начин се користи и за отклучување на компјутерите, па дури и на домовите.

Според некои истражувања, дури 90 проценти од компаниите до 2020 година ќе користат биометриска автентикација, пишува „Си-ен-ен мани“.

Но, ниту биометриската автентикација не е непробојна – дури и биометриските податоци можат да се украдат и да се злоупотребат.

Стручните лица веќе покажале дека е можно да се измамат читачите на отпечатоци од прсти, па и камерите за читање лица и рожници.

Се поставува и прашањето на приватноста, односно заштитата на таквите биометриски податоци. ГДПР-директивата која во мај ќе стапи во сила во Европската Унија ќе бара експлицитна согласност од граѓаните за користење на нивните биометриски податоци. 

Па, сепак, ниту биометриските податоци нема да бидат доволно силни за да ги заштитат нашите лични податоци, барем не самостојно.

Експертите сметаат дека за посигурна заштита сепак ќе треба да се користат две различни методи, токму како што и денес користиме двостепена автентикација.

Одделни компании развиваат нови методи на заштита засновани на однесувањето на корисникот – во каква положба го држиме паметниот телефон кога го користиме, дали типкаме со една или со двете раце, како го повлекуваме прстот по екранот...

Токму банките и другите финансиски институции се најзаинтересирани за таков начин на идентификација на корисникот. Затоа што можете да направите маска од нечие лице или да испечатите нечиј отпечаток од прстот, но тешко дека би можеле да го ископирате начинот на кој некое лице пишува одделни зборови на екранот или како го повлекува прстот по екранот.