Паметен часовник ќе им помага на судиите на Светското во фудбал во Русија

Паметен часовник ќе им помага на судиите на Светското во фудбал во Русија

Подготвил: Б.Б.


Паметниот часовник на СП во Русија
(Фото: Hublot)


Љубителите на фудбалот со нетрпение ги бројат деновите до почетокот на Светското фудбалско првенство во Русија. Ова првенство би требало да донесе и револуција која се очекува да помогне во поправедно судење, односно поправедно донесување одлуки – видеотехнологијата што ќе може да се применува во одредени случаи. 

Неодамна е претставен и службениот паметен часовник на ова СП што ќе го користат судиите во текот на натпреварот и кој ќе биде поврзан со видеосистемот и технологијата за следење на топката, така што судиите ќе имаат увид кога топката ќе ја премине гол-линијата.

Станува збор за Хаблотовиот модел „Big Bang Referee 2018 FIFA World Cup Russia“, кој нема да биде резервиран само за судиите, туку ќе може да се купи и во комерцијална продажба, но во ограничен број од 2018 часовници.

Се разбира, во слободна продажба нема да биде верзијата наменета за судиите, но во него ќе биде инсталиран посебен софтвер наменет за љубителите на фудбалот, на пример, одбројување на деновите до почетокот на СП, кога ќе почне првенството, на неговиот екран ќе се прикажуваат известувања за почетоците на натпреварите, статистики од натпреварите, а кога некој ќе постигне гол, часовникот ќе вибрира и корисникот ќе добие известување за промена на резултатот.

За овој часовник не се очекува навалица од купувачи затоа што независно колку е квалитетен и атрактивен, за купувањето на часовникот на повеќето луѓе ќе им биде пресудна цената на чинење, која ќе изнесува повеќе од 5 илјади долари.

Што се однесува до спецификациите на овој модел, а кои не се поврзани со СП во Русија, треба да се издвојат процесорот Интел Атом Z34XX, оперативниот систем на „Гугл“ Wear, АМОЛЕД екран со резолуција 400 х 400 пиксели. Исто така, овој паметен телефон е водоотпорен до 50 метри и се продава со технологија како акцелерометар, жироскоп и систем за навигација, има поддршка за Bluetooth и Wi-Fi, и батерија која би требало да издржува работа од еден ден.

Се очекува часовникот да се појави во продажба на први мај, по цена од 5.200 долари.