Скопје вечерва еден час ќе биде во мрак

Скопје вечерва еден час ќе биде во мрак

Деветта година по ред Македонија се приклучува на одбележувањето на најголемата светска еколошка акција - Часот на планетата Земја, кога во 20:30 часот по локално време, во период од еден час, во мрак ќе потонат над 180 земји и 7000 града во светот.



Како што акцијата ќе патува низ часовните зони, милиони луѓе во светот преку симболично исклучување на осветлувањето во период од еден час ќе испратат порака за спас на планетата Земја, заеднички да ги промениме климатските промени, но и да ги освестиме луѓето за проблемот поврзан со намалување на биодиверзитетот!

- Бидејќи глобалната биолошка разновидност се намалува со невидена стапка, „Часот на планетата Земја“ оваа година ќе ги фокусира своите напори да поттикне поддршка за акција за биодиверзитетот и природата под мотото „Поврзи се со планетата“, односно #Connect2Earth“ – вели Ѓорги Селков од канцеларијата на „Часот на планетата Земја во Македонија“.

Како и климатските промени во минатото, и намалувањето на биодиверзитетот се чини како апстрактна именка, но ова треба да се промени и затоа нашата акција оваа година се фокусира токму врз оваа проблематика.

За таа цел, оваа година имаме повеќе активности под мотото „Поврзи се со планетата“. Една од тие е дневниот настан кој ќе се одржува на 24 март насловен „Дрвца за планетата Земја“, преку кој ќе бидат засадени илјадници дрвја на речиси сите локации што истата вечер ќе потонат во мрак за „Часот на планетата Земја“. Освен во централното градско подрачје, илјадници дрвја ќе бидат засадени и во Куманово, Велес и во Радовиш.

Оваа година имаме рекорден број на локации кои ќе потонат во мрак за „Часот на планетата Земја“, односно преку 80 локации потврдени низ целата република.

Во централното градско подрачје, со поддршка од Град Скопје, во мрак ќе потонат плоштадот „Македонија“ со спомениците, порта „Македонија“, улица „Македонија“, Камениот мост, Скопското кале, Македонскиот народен театар, Музејот на македонската борба, Археолошкиот музеј, објектот на АЕК, Колонада, Јавното обвинителство на Република Македонија, Министерството за надворешни работи, плоштадот Мајка Тереза и Филип Втори, мостот „Око“ и Мостот на уметноста.

Свое учество најавија и скопските општини Аеродром, Карпош, Ѓорче Петров, Гази Баба и Центар, но и трговските центри „Капитол мол“ и „Скопје сити мол“.
Во Охрид, пак, во мрак ќе потонат црквата „Свети Јован Канео“ и Самуиловите тврдини, а ќе се исклучат и голем број локации во Струмица, Крушево, Битола, Ресен, Ранковце, Демир Хисар, Берово, Крива Паланка, Гостивар...

Централниот настан и оваа година ќе биде на плоштадот „Македонија“, каде што заедно со волонтерите на Црвениот крст, инаку наши редовни партнери, ќе биде испишано логото на акцијата 60+ со петстотини свеќи.

Во еколошкиот мрак, поддржано од ЕВН Македонија, ќе има и акустичен концерт на нашата млада позната пејачка Теа Трајковска, а присутните посетители ќе имаат можност да добијат флуоресцентна алка и флуоресцентен цртеж на своето лице и да ни се приклучат во одбележувањето на „Часот на планетата Земја“.

- „ ЕВН Македонија традиционално повторно се вклучува во одбележувањето на глобалната акција – Часот на планетата Земја. Кога центарот на Скопје ќе потоне во мрак, посетителите на плоштадот ќе уживаат во акустична музика и забава во боја. Преку сите расположливи канали за комуникација, ЕВН континуирано ги едуцира корисниците за значењето и начините за заштеда на електрична енергија. Вклучувањето во оваа акција е во насока на нашите сеопфатни напори, кои вклучуваат проекти за директна комуникација и едукација на корисниците, но и мултимедијални едукативни кампањи – вели Атанас Ковачевски од ЕВН Македонија.

Инаку, со помош на Црвениот крст и нивните 33 канцеларии низ целата република и градот Скопје ќе бидат организирани одбележувања и манифестации во сите општини и локации кои годинава потонуваат во мрак за Часот на планетата Земја.

- Во Прилеп освен што ќе се садат дрвја и ќе се исклучат светилките, ќе биде организиран и ноќен маратон на 5 километри, а во Пехчево во мрак ќе потоне единствената адреналинска патека во Македонија – изјави Софија Стојановска, претставник на Црвен крст на Република Македонија.
Своја поддршка кон акцијата најавија и „Македонски телеком“, кој ќе ја исклучи административната зграда во центарот на Скопје, и цементарницата Усје, која ќе ги исклучи светилките и сите мелници за цемент во својата фабрика.

- „Ме радува фактот што Македонија, како верен партнер на Часот на планетата Земја, и оваа година ќе ги исклучи светилките и ќе се приклучи во фамилијата на над 180 земји кои ги исклучуваат за оваа акција – вели Ѓорги Селков, организатор на акцијата во Македонија.

Дополнително, ги поттикнуваме и поддржуваме граѓаните, училиштата и невладиниот сектор да креираат свои проекти за Часот на планетата Земја.

Една од тие невладини организации е Центарот за климатски промени кои во Скопје, во повеќе училишта ќе прават работилници на тема Часот на планетата Земја. Ќе бидат изработувани рачни ракотворби, постер од пластични капачиња, ветерен парк од комунален отпад, постер изработен со стари светилки и останати ракотворби кои потоа ќе бидат изложени во трговскиот центар Сити Мол во Скопје.

За крај ја испраќаме пораката – МАКЕДОНИЈА, ВКЛУЧИ СЕ ВО АКЦИЈАТА И ИСКЛУЧИ ГИ СВЕТИЛКИТЕ ОВАА САБОТА ВО 20:30 ЧАСОТ!