Македонија на Евровизија во изминатите 20 години

Македонија на Евровизија во изминатите 20 години

Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Тамара, феноменален вокал. Песна, музички издржана која ја чувствува со секоја своја клетка. Текст што ги надминува „нанана“ и „тралала“ тривијалните текстуални изрази типични за изборот, со порака приемчива за сите профили на евровизиски фанови. Одлично испродуциран триминутен настап на сцена и придружни вокали компактни со вокалот на Тамара. Беспрекорен визуелен изглед, вели новинарката Соња Алекоска-Неделковска за настапот на нашата годинашна претставничка

Тамара Тодевска со песната „Proud“ денеска се натпреварува во финалето на Евровизија 2019, која се одржува во Тел Авив, Израел. Македонија успеа да влезе во финалето по шест години, а Тодевска вечерва настапува осма по ред. Последна што ни обезбеди пласман во финале беше Калиопи во 2012 година со настапот во Баку.


Во Израел имаме комплетен пакет

Новинарката Соња Алексоска-Неделковска, која професионално следела и била на 10 евровизии, вели дека годинава во Израел имаме комплетен пакет.
- Тамара, феноменален вокал. Песна, музички издржана која ја чувствува со секоја своја клетка. Текст што ги надминува „нанана“ и „тралала“ тривијалните текстуални изрази типични за изборот, со порака приемчива за сите профили на евровизиски фанови. Одлично испродуциран триминутен настап на сцена и придружни вокали компактни со вокалот на Тамара. Беспрекорен визуелен изглед. Кога пред три дена челниците на ЕБУ испратија порака до учесниците да се сконцентрираат на пеењето, а не на настапот, бев сигурна дека Тамара има големи шанси за влез во финалето, со голема наклоност и од стручното жири. Меѓутоа, пакетот подразбира и маркетинг, лобирање. Заслужен за овој дел е секако Коста Петров, текстописецот на „Proud“, но и главен за маркетингот на Тамара. Евровизиски пакет со професионалци од секој аспект. Според мене, совршен и досега најдобар - вели Алексоска-Неделковска.


Соња во евровизиски прес-центар и во друштво на Калиопи

Таа како успешни досегашни наши претставници ги издвојува и Тоше Проески, Каролина....
- Неговата посебност и енергија надополнети со моќниот вокал беа пас за финалето. Каролина Гочева отпеа феноменално песна која по многу нешта беше поинаква од другите. Обезбеди финале во многу тешка конкуренција. Калиопи и нејзините емоции и енергија, како и вокалот при изведба на „Црно и бело“, не можеа да останат незабележани, што резултира со добар пласман и на финалето. Елена Ристеска, или Кајли Миног како што ја нарекуваа евровизиските фанови, се истакна со целокупниот настап и засега го има најголемиот хит кој високо котира кај евровизиските фанови.


Елена Ристеска со најдобар пласман досега - 12. место

Секој наш претставник остави белег на евровизиската сцена. Ова се 19. настапи на Македонија на Евровизија:

Прв наш претставник на Евровизија беше Владо Јаневски со „Не зори зоро“, песна на Григор Копров и Владо Јаневски. Тој го освои 19. место во Бирмингем во 1998 година. Пред него Калиопи имаше обид, но не успеа да се квалификува поради поинаквите евровизиски правила со претселекционен карактер.

Во 2000 година во Стокхолм, Шведска, настапи групата XXL со песната „100% те љубам“ на авторите Драган Каранфиловски, Орце Зафировски и Владо Јаневски. Четирите девојки завршија на 15. позиција.

Потоа следуваше настапот на Каролина Гочева со „Од нас зависи“, песна на Никола Перевски и Владимир Крстевски. Во 2002 година во Талин се пласиравме  на 19. позиција.

Во Истанбул, Турција, во 2004 година нѐ претставуваше Тоше Проески со нумерата „Life“. Тоше, по финалето, се пласира на 14. место со песна на авторите Јован Јованов и Илија Николовски.


Во Киев во 2005 година замина Мартин Вучиќ со „Make My Day“ на Драган Вучиќ и Бранка Костиќ. Мартин исто така се пласира во финалето и заврши како 17-ти.

Пејачката Елена Ристеска е запишана како претставничката која на Македонија ѝ го обезбеди најдобриот пласман досега. Во Атина, Грција, во 2006 година со „Нинанајна“ заврши на 12. место. Песната е дело на Дарко Димитров и Раде Врчаковски-Врчак.


Следната година Каролина Гочева по вторпат си ја проба среќата на Евровизија, овој пат во Хелсинки. Со „Мојот свет“, песна на Григор Копров и Огнен Неделковски, таа се пласира во финале и потоа на 14. место.

Во Белград во 2008 година Тамара Тодевска го имаше првиот настап на Евровизија заедно со Адријан Гаџа и Раде Врчаковски-Врчак. Тие со „Let Me Love You“, песна на Врчак, не обезбедија пласман во финалето. Всушност, уште тројца натпреварувачи потоа не успеаја да влезат во финале.

Во Москва во 2009 година нè претставуваше бендот „Некст тајм“ со песната „Нешто што ќе остане“ на авторите Јован Јованов и Дамјан Лазаров.




Ѓоко Танески со „Јас ја имам силата“ на авторот Кристијан Габровски следната година настапи во Осло.
Влатко Илиевски во Диселдорф во 2011 година нè претставуваше со песната „Русинка“, која ја создадоа Григор Копров, Јован Јованов, Марко Маринковиќ и Владимир Дојчиновски.

Калиопи во 2012 година со „Црно и бело“, која ја направи заедно со Ромео Грил, успеа да нè израдува со пласман во финале на Евровизија во Баку. Таа се пласира на 13. позиција. По настапот на Калиопи следуваа 6 години без пласман во финале, сѐ до последниот настап на Тамара.


Есма Реџепова и Влатко Лозановски со песната „Пред да се раздени“ настапија во Малме во 2013 година. Во Копенхаген 2014 година настапи Тијана Дапчевиќ со песната „To the Sky“ на Дарко Димитров, Лазар Цветковски, Елена Ристевска.

Потоа следуваа настапите на Даниел Кајмакоски со „Autumn Leaves“ во Виена во 2015 година, Калиопи во Стокхолм во 2016 со „Дона“, Јана Бурческа со Dance Alone во Киев и лани „Ај-кју“ со „Lost And Found“ во Лисабон.