Имаме повеќе од 600 студенти и зголемен интерес, вели Зоран Трпоски, декан на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер

Имаме повеќе од 600 студенти и зголемен интерес, вели Зоран Трпоски, декан на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Од оваа академска година (2019/2020) ќе стартуваат изменетите студиски програми кои се препознатливи како Дизајн на мебел и ентериер и Инженерство на мебел и дрво, вели деканот на ФДТМЕ, Зоран Трпоски

Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер од Скопје во новата академска година ќе одбележи 10-годишнина. Еден од најмладите факултети во земјава, кој претходно бил институт, денес може да се пофали со зголемен број студенти и современи наставни програми. Со деканот на овој факултет поразговаравме за тоа што ќе биде новина во новата академска година.

Се подготвуваат ли некакви промени во однос на студиските програми на Вашиот факултет за претстојната академска година?

- Во 2017 година Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер изработи проект-елаборат за реакредитација на студиските програми од прв и втор циклус студии. Комисијата за настава при УКИМ го оцени позитивно, а Одборот за акредитација го прифати без забелешки. Од оваа академска година (2019/2020) ќе стартуваат изменетите студиски програми кои се препознатливи како Дизајн на мебел и ентериер и Инженерство на мебел и дрво.
На почетокот од годинава Факултетот меѓу првите изготви проект-елаборат за трет циклус студии според новиот Правилник за докторски студии. Комисијата за настава при УКИМ го оцени позитивно, без забелешки. Наскоро ја очекуваме и акредитацијата за третиот циклус студии - докторски студии.

Каков е интересот за студирање на Вашиот факултет во последниве неколку години и која струка најмногу ја избираат матурантите?

- Од формирањето на Факултетот во 2010 година интересот кај матурантите е видно зголемен. Секоја академска година се запишуваат по околу 120 редовни и 5-10 вонредни студенти. Матурантите најмногу се запишуваат на студиската програма Дизајн на мебел и ентериер, но годинава очекуваме зголемување на интересот и за Инженерство на мебел и дрво. Бројот на активни студенти во сите години изнесува над 600.


Зоран Трпоски, декан на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер

Вашите професори и студенти активно се вклучуваат во меѓународни проекти, а не изостануваат и награди. Колку е важно да се има комуникација со светот за да растете како факултет?

- Прво задолжение на наставниот кадар на Факултетот е неговата афирмација во и надвор од земјата. Во таа насока Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер има потпишано билатерални договори со повеќе факултети во нашето опкружување и пошироко. Во оваа соработка би ги издвоил: Шумарски факултет-Белград, Факултет за горска промишленост-Софија, Шумарски факултет-Загреб, Биотехнички факултет-Љубљана, Технички факултет во Бихаќ, а оваа година планираме да потпишеме меморандум за соработка и со Факултетот за дизајн на мебел и технологии од Кардица при Универзитетот во Тесалија - Грција.
Како пример за заедничката работа на професорите и студентите во нашата афирмација би ги споменал меѓународните проекти „Отскочна штица“ и „Иновативното училиште-Отскочна штица“ на фондацијата „Меркатор“ од Швајцарија. Во проектот беа вклучени професори и студенти од Швајцарија, Словенија, Србија, БиХ, Русија и Македонија.

На што сте фокусирани периодов? Кои се актуелни проекти?

- Во март годинава ЦИРДИ (Центар за истражување и развој во дрвната индустрија) во Кавадарци го организира четвртиот семинар „Технологии, машини и енергетика“. При крајот на мај во Музејот на град Скопје беше организирана првата Изложба на студентски трудови. Прва, затоа што веќе се планира и втората, која ќе се случи во април в година и со неа ќе се одбележи и 26. април, 10 години од формирањето на Факултетот. Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер досега има објавено седум броја од меѓународното списание „Wood, design@technologies“, а во подготовка е осмиот.
Главниот фокус на нашите активности е четвртата меѓународна конференција „Wood technology@Product design“, која ќе се одржи од 4 до 7 септември во Конгресниот центар во Охрид. Досега се пријавени повеќе учесници од: Србија, Бугарија, БиХ, Словенија, Хрватска, Турција, Грција, Албанија, Данска, Швајцарија, Унгарија.


Студентите реализираа изложба по повод 100 години од Баухаус

„Иновативно училиште-отскочна штица“ беше еден од меѓународните проекти во кој беше вклучен и Вашиот факултет. Ви донесе ли тој проект позитивно искуство?

- Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер од 1 јануари 2015 до крајот на 2018 година беше учесник во меѓународниот проект „Иновативно училиште-отскочна штица“. Проектот е продолжение на проектот „Отскочна штица“, во кој нашиот факултет успешно учествуваше од 2010 до 2014 година.
„Иновативно училиште-отскочна штица“ вклучува студенти, дипломирани инженери и магистранди. Во проектот учествуваат факултети од универзитети од шест држави. Основната цел на проектот е унапредување на знаењата и соработка на студентите од различни држави низ заедничка соработка на полето на науката и практични проекти, поврзани низ објективот на екологијата, развивање еколошка свест и создавање одржливи проекти и дизајн. Генерален поддржувач на проектот беше невладината организација „Штифтунг Меркатор Свис“.

Проектот траеше преку целата година, при што се одржаа една конференција и два практични проекти годишно. На конференциите учесниците (по четири од секој факултет) ги презентираа своите студентски, дипломски или магистерски трудови и тези на англиски јазик и одговараа на поставени прашања од колеги и гости во врска со презентираните теми.
Практичните проекти беа замислени како проекти за инволвирање на учесниците во производниот процес на фирми од дизајнот, дрвната индустрија и шумарството, каде што би се соочиле со вистински предизвик во индустријата, пред сè, користејќи ги стекнатите знаења од образованието и имплементирајќи ги директно во пракса.

Искуството од проектот е од непроценливо значење како за студентите така и за факултетот и универзитетот, воопшто. Остварените контакти со учесниците во проектот продолжуваат на сите нивоа и го збогатуваат стручно-научниот фонд на факултетот и на универзитетот.