Даниела Ременска, софтверски инженер во „Ибеј“: Мечтаам за НАСА, но желбите си ги приспособувам на реалноста

Даниела Ременска, софтверски инженер во „Ибеј“: Мечтаам за НАСА, но желбите си ги приспособувам на реалноста

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Во неколку пригоди сум добила покана за презентирање на Kонференцијата за информатика што ја организира ФИНКИ и за соработка преку ревидирање на стручни трудови. Во рамките на некогашната иницијатива „Бори се женски“ бев поканета да одржам предавање. Благодарна сум за дадените понуди и можности, но морам да признам дека тие не се многу чести, се бројат на рака

Во последните две години таа работи како софтверски инженер и водач на тим во една од најуспешните светски компании, платформата за онлајн-купување и продавање „Ибеј“. Даниела Ременска дипломирала на Институтот за информатика на Природно-математичкиот факултет во Скопје, а Холандија многу брзо ѝ станала следна станица, запишувајќи технички докторат на Техничкиот универзитет во Ајндховен.

Нејзин научен труд пред неколку години објави НАСА, а имаше и проекти што ги реализира во ЦЕРН. Информатиката и астрономијата, а и математиката ги сакала уште во средно школо. Ременска споделува дека имала среќа да биде дел од експерименталниот проект ПЕКСНАС во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“, каде што се ценеле афинитетите кон одредена област.
Вели дека од Македонија ѝ недостигаат семејството и пријателите, а недостигот на сончеви денови и планински предели лесно го надоместува со патувања.

Каков е предизвикот да се работи за светски успешна компанија?

- Веќе две години сум дел од eBay Classifieds Group и секој ден ми е исполнет со нови предизвици. Фасцинантно е колку една отворена интернационална околина може да ви го промени светогледот и да ви помогне да се реализирате, да го извлече најдоброто од себе. Горда сум што во мене видоа потенцијал. Официјално мојата позиција е софтверски инженер во тимот Admarkt, кој изработува и одржува интернационална дистрибуирана платформа за професионални B2C рекламни огласи (слично на Гугл адс или Фејсбук маркетинг). Во рамките на „Ибеј“ домуваат и десетина локални платформи за огласување. На пример, дел од брендовите под капата на „Ибеј“ се холандскиот мегапопуларен онлајн-пазар Marktplaats.nl, германскиот Mobile.de, канадскиот Kijiji.ca, како и Gumtree - водечка страница за огласи во рамките на Обединетото Кралство, Австралија, Сингапур и Јужна Африка.

Даниела со своите ментори и колеги

Сите овие станари се дел од групата eBay Classifieds (eCG), но имаат релативно високо ниво на автономија од „Ибеј“ со цел да го задржат локалниот шмек. Платформата на која работам има цел ефикасно и ефективно да опслужува огласи на бизнис-компании од најразлични домени.
На некои идејата за опслужување огласи веројатно им звучи здодевно од научен или инженерски аспект, морам да признам дека и јас на почетокот стравував дека брзо ќе се заситам од адвертајзинг-доменот. Простор за предизвици има колку сакате, со оглед на обемот на интернет-сообраќај што го опслужуваме, различните очекувања на нашите клиенти, скалабилните технологии кои со себе повлекуваат многу повисоко ниво на комплексност и, секако, најголемиот предизвик – ефективна комуникација во рамките на тимот и соработка со тимовите на сите eCG станари низ светот.

Даниела Ременска

Во моментов го предводам тимот што работи на следната генерација на нашиот Аdmarkt производ. Идеjата е да обезбедиме фер монетизација, поголема транспарентност кон нашите клиенти во однос на тоа што точно добиваат за возврат со својата инвестиција во нашиот систем, како и да им дадеме повеќе контрола врз тоа како и каде огласуваат. Истовремено треба да ги задоволиме желбите на потенцијалните заинтересирани купувачи што ги посетуваат eCG платформите. Профитот што го правиме е само еден аспект и не е цел сам по себе. Тој мора да биде одржлив, во спротивно, клиентите ќе ви се „излизгаат“ побрзо отколку што можете да стекнете нови.

Водењето тим за мене е сѐ уште нов, неистапкан терен, надвор од зоната на комфорот, но добивам голема поддршка и туторство во процесот. Особено ме радува што не постои некоја хиерархија во рамките на компанијата (барем не во канцеларијата во Амстердам) и сите работат кон заедничка цел. Немаме посебен тим кој се грижи за QA (Quality Assurance), ниту пак тим исклучиво посветен на тоа софтверот да е функционален 24/7. Тоа ни дава поголема слобода за одлуки, но и поголемо чувство на одговорност кон она што го градиме. Мораме и самите како инженери доволно да ги познаваме проблематиките на доменот на онлајн-адвертајзинг.

Веќе десетина години сте надвор од Македонија, односно во Холандија, напредна земја која вложува во науката, во подобриот квалитет на животот. Како се одлучивте за продолжување на образованието по завршувањето на факултетот во Скопје?

- За Холандија решив да заминам без некои поголеми планирања, се случи речиси ад хок. Ми требаше промена на приватен и професионален план и во тој период веќе имав пријатели (од времињата кога беа асистенти на Институтот за информатика при ПМФ) докторанди на Техничкиот универзитет во Ајндховен. Со широко отворени раце ја пречекаа мојата заинтересираност да им се придружам. Не бев целосно убедена дека сакам својата кариера да ја насочам во класични истражувачко-образовни води, но, сепак, дел од мене сакаше да остане „со една нога“ во науката и истражувањето. Една од програмите за индустриски докторат по софтверски технологии во Ајндховен посебно ми фати око. Се пријавив сосема кон крајот на рокот за аплицирање, ми направија интервју, и за многу кратко време добив понуда за работа. Во пресрет инстантно ми излегоа професорите и асистентите на тогашниот Институт по информатика при ПМФ и верувам дека нивните препораки беа одлучни во процесот.

Жените се многу поретки во светот на технологијата. Како во Холандија се реагира на тоа дека жена е на некаква раководна позиција? Се размислува ли воопшто родово или најважно е кој што знае и колку е способен да работи?

- Жените и тука се поретко присутни во техничките струки; јас сум, на пример, единствена во мојот потесен тим. На раководни позиции, од друга страна, се присутни изненадувачки балансирано, од моето досегашно искуство. За жал, и во Холандија тој јаз не е надминат, иако активно се работи (преку разни програми за стимулирање) на тоа да се зголеми интересот кај девојките за природните, техничките науки. Тешко е да се заклучи дали општеството потсвесно и индиректно дискриминира на родова база, но во практика лично не забележувам таква дискриминација во секојдневната работа. Способностите се на прво место.

Ременска со своите колеги во „Ибеј“

Пред неколку години НАСА Ви издаде научен труд. Сонувате ли еден ден да работите таму?

- Со доза на мечтаење – да! Од многу аспекти докторатот што го изработував на Универзитетот „Врије“ во Амстердам е поврзан со методите на формална верификација кои се користат во критичните системи на НАСА. Астрономијата и вселенското истражување ме привлекуваа во средношколските денови. Но, да бидеме реални, освен во екстремни околности, НАСА вработува исклучително aмерикански граѓани, како државни службеници. Во меѓувреме, моите желби на професионален план се менуваат и адаптираат на реалноста.

Дали некогаш сте биле поканети од наша институција за некаква соработка? Предавање на факултет или слично?

- Во неколку пригоди сум добила покана за презентирање на CiiT (конференција за информатика организирана од ФИНКИ) и за соработка преку ревидирање стручни трудови. Во рамките на некогашната иницијатива „Бори се женски“ бев поканета да одржам предавање во просториите на МОФ. Благодарна сум за дадените понуди и можности, но морам да признам дека тие не се многу чести, се бројат на рака.


Информатичките факултети во Македонија примаат сѐ поголем број студенти, а инженерите се едни од најплатените професионалци во земјава. Може ли да се каже дека добивте добра основа во образованието дома?

- Да, апсолутно! Тогашниот Институт за информатика ми даде солидни теоретски математички и информатички основи. Додека сме студенти, ретко имаме чувство дека работите што ги учиме ќе најдат некаква практична примена. Рака на срце, дел од нив и нема никогаш да ги примените, но моментот кога среде дискусија со колеги наидувате на терминологија, концепт, теоретски модел кој сте го сретнале во текот на студиите, а кој одеднаш е применлив и идеален за вашиот технички или бизнис-проблем, е момент на вистинско освежување. Има моменти и кога се каам дека површно сум студирала одредени содржини, за кои денес одново морам да се едуцирам. Технологиите се менуваат, но теоретските основи врз кои се градени се горе-долу исти.

Тимот на „Ибеј“ во Амстердам

Како се одморате во слободно време? Што сакате да правите и што Ве релаксира?

- Со уживање читам книги во секоја можна пригода, целта ми е да прочитам барем петнаесетина годишно. Спортувам во сала, се социјализирам со пријатели, ја обогатувам колекцијата на игри на табла (board games) и ретро-нинтендо касети, и речиси секој слободен ден од работа го користам за патување на нова дестинација.