Рекорден број на пожари во Амазонија - горат белите дробови на Земјата

Рекорден број на пожари во Амазонија - горат белите дробови на Земјата

Подготвил: Билјана Арсовска

Дождовните шуми во бразилскиот дел на Амазонија оваа година се погодени од рекорден број пожари, покажуваат податоците на државната агенција за вселенски истражувања.

Годинава во прашумите гореле 84 отсто повеќе пожари отколку во 2018 година, се наведува во соопштението на Националниот институт за вселенски истражувања.

Податоците собрани со помош на сателит институтот ги објави по една недела откако бразилскиот претседател Жаир Болсонаро го отпушти шефот на оваа институција поради изнесување податоци за дефорестација.

Пожарите доведоа и до замрачување на Сао Пауло. Мракот среде бел ден, кој траеше околу еден час, се случил откако силните ветришта донеле чад од сојузните држави Амазон и Рондонија, кои од Сао Пауло се оддалечени повеќе од 2.700 километри. Сепак, некои метеоролози велат дека чадот можеби дошол од големите пожари во Парагвај, кои се многу поблиску до градот.

Најголемата дождовна шума на светот, Амазонија, е клучна во борбата против глобалното затоплување. Конзерваторите го обвинија Болсонаро дека ги поттикнал дрвосечачите и фармерите да ја расчистат шумата.

Во меѓувреме, од американската агенција НАСА беше соопштено дека вкупниот број пожари во Амазонија е малку помал од просечниот. Додека повеќе пожари горат во Амазон и Родонија, во сојузните држави Мато Гросо и Пара бројот е помал.

Зошто гори Амазонија?

Шумските пожари обично се случуваат во сушната сезона во Бразил, но и намерно се палат за нелегално да се расчисти шумата и да се добие простор за одгледување стока.

Од Националниот институт за вселенски истражувања велат дека детектирале повеќе од 74 илјади пожари меѓу јануари и август оваа година. Ова е најголемиот забележан број од почетокот на мерењата во 2013 година. Од институтот соопштија дека од четвртокот биле забележани повеќе од 9.500 пожари, главно во Амазонија.

Во текот на 2018 година биле забележани вкупно 40.000 пожари, истакнаа од институтот.

На сателитските снимки може да се види дека најсеверната бразилска држава Рораима е покриена со темен чад, додека во соседната држава Амазон е прогласена вонредна состојба поради пожарите.



Болсонаро ги отфрли најновите податоци, истакнувајќи дека тоа било сезона кога фармерите со помош на пожари ја чистат земјата. Сепак, од институтот забележале дека бројот на пожари не е во согласност со вообичаениот број во текот на сушниот период.

- Нема ништо абнормално оваа година кога станува збор за климата или дождовите во амазонскиот регион, тие се нешто под просекот. Сушната сезона создава поволни услови за настанување на пожари и ширење на оган, но пожарите се дело на луѓето, намерно или случајно - истакна истражувачот Алберто Сецер.


Зошто сите ги упатуваат критиките на сметка на Болсонаро?

Болсонаро е критикуван од многумина поради односот кон заштитата на животната средина. Научниците велат дека шумите во Амазонија забрзано се уништуваат откако претседателот ја презеде власта во јануари.

Во текот на минатата деценија претходните влади успеале да ја намалат дефорестацијата потпирајќи се на федералните агенции и паричните казни. Болсонаро и неговите министри ја критикуваа таквата казнена политика.

Минатиот месец претседателот го обвини директорот на Националниот институт за вселенски истражувања дека лаже за обемот на дефорестација во Амазон и дека се обидува да ја поткопа владата. Обвиненијата дојдоа откако институтот објави податоци кои покажаа дека степенот на чистењето на шумите во јуни годинава бил за 88 отсто повисок од истиот период лани. Подоцна директорот објави дека е отпуштен.

Претходно од институтот беше соопштено дека податоците со кои располагаат се 95 отсто точни. Во одбрана на веродостојноста на агенцијата застанаа и неколку научни институции, меѓу кои и Бразилската академија на науките.

Дождовната шума на Амазон, позната и како Амазонија, е еден од најголемите природни ресурси во светот. Поради тоа што нејзината вегетација континуирано го претвора јаглеродниот диоксид во кислород, таа е опишана како „Бели дробови на планетата“. Околу 20% од кислородот на Земјата се произведени од Амазонија.