Сексот сѐ уште е табу-тема за младите, скопските извидници во мисија да се надмине тоа

Сексот сѐ уште е табу-тема за младите, скопските извидници во мисија да се надмине тоа

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Со помош на апликација со квиз, извидниците од ПСИО, со поддршка од Град Скопје, се обидуваат да го подобрат сексуалното образование на младите во главниот град

Скопските извидници се во нова мисија - како да се подобри сексуалното образование и оваа тема да биде што помалку табу кај младите. Во сите скопски средни училишта, тим од извидниците на Првиот извиднички обред – Скопје (ПСИО), предводени од нивниот водач Снежана Јанковиќ, го реализираат проектот „Sex, scouts & rock’n’Roll“ во соработка со Град Скопје. Со помош на апликација со квиз, која на младите им овозможува да се изразат анонимно, тие ќе можат да научат многу за оваа област. Овој метод е избран поради природата на темата, која сѐ уште е огромно табу на нашите простори.



- Во изминатите 10 години организираме работилници и кампови за сексуално и репродуктивно здравје кои ни се главна мотивација и желба да придонесеме кон ширење на оваа тема. Сметаме дека пристапот е доста креативен, соодветен со денешното општество и иновативен и треба да биде прифатен бидејќи е поттикнат од врсници извидници на целната група - вели Јанковиќ.

Поголемиот дел од младите немаат валидни знаења, ниту пак општи познавања на темата секс, додава таа.
- Само 8 отсто од учениците на територија на Град Скопје имаат изјавено дека учеле за орална контрацепција на час по биологија, додека само 20 отсто учеле за правилната употреба на презерватив, покажуваат податоците на неодамнешното истражување на Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување „ХЕРА“. Оваа поразителна статистика зборува многу за порастот на тинејџерската бременост, сексуално преносливите болести, а и воопшто за сексуалната едукација како табу-тема во и надвор од училниците на средношколците - вели водачот на извидниците и додава дека младите покажуваат огромен интерес и желба да научат како да се грижат за себе и за своето здравје, но немаат сигурна средина каде што може да ги добијат овие информации.



Проектот се базира на единствениот извиднички метод заснован на учење преку тимска работа, поддршка од возрасните, општествена одговорност и работа во природа.
- Идејата за „Секс, скаутс анд рокенрол“ постои веќе десетина години и беше иницирана од група извидници, средношколци (Гога, Андреј, Борис, Јана итн.) кои во тоа време важеа за револуционери за нови добри практики кои ќе им бидат од корист на младите. Зборот секс во самото име веднаш наиде на многу бурни реакции, од кои не беа сите позитивни, бидејќи, за жал, кај нас и тогаш, но и денес тоа сѐ уште е табу-тема и некако се одбегнува, како да се плашат не само младите, туку и родителите - категорична е Снежана.


Извидниците во нова мисија

На прашањето какви се реакциите на средношколците, таа вели дека не изостанува кикотење, смешкање и шепкање.
- На младите навистина им е тешко да го изговорат зборот секс, како и другите термини поврзани со сексуалното и репродуктивно здравје. Ние навистина сакаме да го смениме тоа. Секако, оваа еуфорија на смешкање и шепотење прекинува со самиот старт на квизот каде што сите индивидуално и анонимно имаат шанса да кажат што знаат. Интересно е дека веднаш почнуваат да размислуваат и да даваат одговори. Тоа ни е особено драго бидејќи го поттикнуваме и тој мисловен прoцес кај младите и сето тоа го правиме преку нивните омилени предмети „телефоните“ - вели таа.


Снежана Јанковиќ

Во рамките на проектот ќе организираме и тридневен камп на планина, каде што учениците ќе можат да научат и извиднички вештини.
- Како извидници од ПСИО, многу сме горди на оваа акција, наша е, сами ја создадовме заради потребите на младите, така што со најголемо задоволство ја спроведуваме и ја шириме. Извидниците од мали се учат да бидат подготвени на сите ситуации, да работат заедно и да се борат против стереотипи. Низ нашето долгогодишно искуство во отворен разговор и едукација на младите на 15 и 16 години постојано наидуваме на прашања за основни физиолошки термини поврзани со нивното тело, што е очекувано за млади на нивна возраст да бидат дел од општата култура, но, за жал, не е така. Секако, не им е лесно на сите отворено да зборуваат на оваа тема, па мразот го скршија нашите Виктор Гилев и Теодора Саздова (нашите извидници и студенти на Медицински факултет). Целиот проект е креиран да ги опфати сите средни училишта, а во текот на целиот процес ќе имаат можност и другите волонтери на ПСИО да ја добијат улогата на презентери - завршува Снежана.