Д-р Александар Јовановски: За колективен имунитет од морбили, 93-95% од населението треба да се вакцинирани

Д-р Александар Јовановски: За колективен имунитет од морбили, 93-95% од населението треба да се вакцинирани

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Што значи вакцинација на населението, што спречува, зошто е толку зголемен процентот на луѓе што одбиваат да ги вакцинираат децата? За овие прашања разговараме со д-р Александар Јовановски и со д-р Даниела Николовска

За да се постигне колективен имунитет кој ќе го штити населението од морбили, потребно е процентот на имунизирани лица да биде 93-95% од вкупната популација, вели д-р Александар Јовановски, првенец на генерација на Медицинскиот факултет во Скопје, денес на докторски студии на Програмата за експериментална медицина и терапија на Универзитетот во Торино, Италија.
Морбилите, меѓу народот попознати како ситна сипаница, не ја одминаа Македонија, ниту многу земји во светот. Нашата земја сè уште е во фаза на епидемија. Според последните податоци на Институтот за јавно здравје, од 1 до 6 јуни се пријавени 87 нови случаи на морбили. Од почетокот на епидемијата лани во декември, на територијата на нашата земја се регистрирани вкупно 1.821 пациент, со стапка на заболување од 88 на 100.000 жители.

д-р Александар Јовановски

Што значи вакцинација на населението, што спречува, зошто е толку зголемен процентот на луѓе што одбиваат да ги вакцинираат децата? Јовановски вели дека поимот вакцинација не е само процес, превентивна мерка која има удел во здравјето на поединецот, туку е одговорност, општествена свесност и грижа за здравјето на заедницата.
- Во епидемиологијата постои поим „колективен имунитет“ или имунитет на заедницата. Кога најголем процент од популацијата се имуни на одреден патоген, се формира индиректна заштита и е оневозможено ширењето на инфективната болест во таа популација. Колективниот имунитет наједноставно се стекнува со имунизација на населението, односно вакцинација – вели тој.

Во Македонија има 11 задолжителни вакцини

Јовановски е апсолутно за вакцинирање на децата и на возрасните, секогаш кога тоа е неопходно, медицински оправдано и можно, во зависност од достапноста на вакцината, типот на заболувањето и здравствената состојба на пациентот. Тој е дециден дека од сите достапни методи за превенција на инфективните болести, вакцинацијата е најефективниот метод. Така значајно се намалува инциденцата, дури и се подигнува ерадицирањето на одредени сериозни инфективни болести, како што e големата сипаница (Variola vera).

- Според Светската здравствена организација (СЗО), со редовниот метод на вакцинација, следна инфективна болест што веќе е на чекор да биде целосно ерадицирана е детската парализа или полио. Кога зборуваме за вакцинација, самиот процес означува администрирање на антигенски материјал, цел инфект (инактивиран или со намалена инфективност) или делови од инфектот, протеини или токсини (кои имаат имуногена способност). Целта е да се развие стекнат имунитет кон болеста која ја предизвикува дадениот патоген - објаснува Јовановски.



Според него, листата на СЗО брои 26 болести за кои се достапни вакцини и уште 4 дополнителни болести за кои вакцините не се на листата на СЗО (поради слаб квалитет на вакцината или поради тоа што болеста не е веќе опасност, како што е примерот со вариола вера). Македонија спаѓа во групата со земји чиј вакцинален календар опфаќа 11 задолжителни вакцини. Јовановски објаснува дека во некои развиени земји тој број е поголем. Во Франција на листата со задолжителни вакцини се наоѓа и пневмококната вакцина, која штити од бактеријата streptococcus pneumoniaе - еден од главните причинители на пневмонија и менингитис кај деца.
- Има најава дека оваа вакцина наскоро треба да се воведе и кај нас. Тоа е од посебно значење ако се земе предвид патогеноста на оваа бактерија, сериозноста на инфекциите што ги предизвикува и сè поголемата антибиотска резистенција на достапните антибиотици - вели Јовановски.

Зошто морбили-вирусот е толку опасен?

Тој објаснува дека морбилите се високо заразна вирусна инфективна болест предизвикана од морбили-вирусот. Болеста најчесто се пренесува преку аеро-капков пат - се дисперзира во околината кога заболениот кива и кашла и/или преку допир со неговиот назален секрет и плунка. И покрај тоа што се манифестира со кожен исип, како сипаница, примарно претставува болест на респираторниот систем. Кожниот исип е само еден дел од целокупната клиничка слика што ја карактеризира оваа болест.

- Човекот е природен домаќин на овој вирус, а болеста најчесто се јавува кај малите деца. Периодот на инкубација е 10-14 дена во најголем број од случаите, а првите симптоми се неспецифични и вклучуваат треска и покачена телесна температура, проследени со кашлица и кивавица, печење и солзење на очите и течење на носот - објаснува Јовановски.




Во оваа фаза од болеста кај некои пациенти можно е формирање на бели налепи на усната слузокожа, познати како „Копликеови петна“ и се специфични за морбили-инфекцијата. Важно е да се напомене дека веќе во оваа фаза болниот ја пренесува инфекцијата. Кожниот исип се јавува најчесто 2-4 дена по катаралните симптоми и неговото појавување трае 5-6 дена. Првите 3-4 дена од активното појавување на исипот пациентите исто така се инфективни.

- Од јавно-здравствен аспект е многу важно да се објасни што значи тоа „високо контагиозна инфективна болест“. Тоа значи дека 90-93% од луѓето што не се имуни, а дошле во контакт со заболено лице од морбили, ќе ја добијат инфекцијата. Навистина зборуваме за една од најконтагиозните инфекции - објаснува Јовановски.

Полесни и потешки компликации

Д-р Даниела Николовска, која има своја ординација во Кратово, вели дека најзагрижувачки кај морбилите се честите компликации и исходот од нив. Тие може да бидат полесни (дијареја, инфекции на средното уво), но и потешки (ларинготрахеит, пневмонија и енцефалитис - воспаление на мозокот).


Д-р Даниела Николовска

- Една од почестите сериозни компликации е пневмонијата. Таа може да биде предизвикана директно од вирусот или како резултат на бактериска суперинфекција. Со актуализирањето на антивакциналните движења во светот и во Европа, во научната заедница често се зборува за друг факт поврзан со морбили-инфекцијата. Тоа е т.н. „амнезија“ на имунолошкиот систем предизвикана од морбили-вирусот. Порано се сметало дека оваа состојба трае неколку месеци, но денеска се говори за времетраење од 2 до 3 години, што навистина ја зголемува сериозноста на заболувањето - вели Николовска.

Таа објаснува што значи „амнезија на имунолошкиот систем“. Морбили-вирусот предизвикува намалување на бројот на лимфоцитите (вклучувајќи ги и мемориските имунолошки клетки кои организмот ги има создадено кон други патогени). Тоа предизвикува дисбаланс во создавањето на цитокините и комуникацијата помеѓу имунолошките клетки, следствено на тоа супресија на целуларниот имунитет кој е одговорен за справување со вирусните инфекции. Сето ова доведува организмот да стане неспособен да се избори со микроорганизми кои предизвикуваат најразлични опортунистички инфекции.

- Голем дел од овие опортунистички инфекции се опасни и со висока стапка на смртност дури и во најразвиените здравствени системи во светот. Подолго време преку социјалните мрежи споделував практични видеоводичи за морбили за моите пациенти. Особено за младите мајки, за добро да ги информирам за потребата и полезноста од вакцинацијата. Информациите денес се лесно достапни, но мора да бидеме селективни што ќе користиме како извор за информирање - децидна е Николовска.


Во изминатите месеци таа имала двајца пациенти заболени од морбили – возрасен човек и 4-месечно бебе.
- Бебињата до 6 месеци делумно се заштитени со антителата од мајката, но таа заштита не е апсолутна. Тоа беше речиси на самиот почеток од епидемијата, а олеснителна околност во овој случај беше што веројатно поради профилаксата од мајката, инкубацијата траеше подолго од вообичаеното (околу 25 дена) и клиничката слика беше далеку полесна. За среќа, и двата случаја завршија без посериозни компликации - раскажува Николовска.

Лажни вести во 1995 година

На прашањето која е причината за масовниот антивакцинален став во светот, Јовановски ги објаснува почетоците на антивакциналните кампањи. Во 1995 година група британски научници објавиле студија со хипотеза дека лицата што примиле МРП-вакцина (морбили, рубеола, паротит) имаат зголемен ризик да се здобијат со хронично воспаление на дигестивниот систем како Кронова болест. Еден од научниците, британскиот гастроентерохепатолог д-р Ендрју Вејкфилд, отишол чекор подалеку во своето тврдење - дека МРП-вакцината води до дизрупцијата на цревното ткиво, зголемен ризик од хронична инфламаторна болест и можни невро-психијатриски нарушувања како аутизам.

Д-р Ендрју Вејкфилд / Извор: Youtube

- Во 1998 година научното списание „Лансет“ објави труд на истиот автор во кој се објаснува позитивната поврзаност на аутизмот со МРП-вакцината во студија извршена на 12 деца. Со тоа уште повеќе се засилуваат антивакциналните кампањи низ светот. Но, анализирањето на студијата, начинот на прибирање на податоците, неетичноста во текот на процесот и неможноста да се повторат истите пронајдоци со други студии, доведе до тоа д-р Вејкфилд да биде обвинет за неетичност, лажирање на научни податоци и измама. Затоа бил дискредитиран и исклучен од Британскиот регистар на лекари. По 12 години, во 2010 година, „Лансет“ го повлече трудот. И покрај тоа, на светско ниво антивакциналните кампањи растеа, иако зародиш на тоа беше студија која се докажа дека е неправилно спроведена, без научна основа - објаснува Јовановски.

Во различни региони во светот процентот на вакцинирани лица за морбили е различен. Според СЗО, најнизок е во африканските земји и во земјите на Блискиот Исток (околу 73%), највисок во Европа (во некои земји дури до 94%), а на глобално ниво изнесува околу 83% од населението.

- Иако овие бројки изгледаат поволни, сепак, епидемии на морбили во повеќе земји во светот покажуваат дека населението не е доволно имунизирано. Потребно е да се подигне свеста за тоа каков сериозен јавно-здравствен проблем претставува невакцинирањето на децата, да се преземат низа активности, мерки и трибини за подобра информираност - категоричен е Јовановски.