Која е Јана Маринова, актерката што ја игра Преслава? Акробатка, танчарка на шипка, каскадерка, актерка што живее за предизвици

Која е Јана Маринова, актерката што ја игра Преслава? Акробатка, танчарка на шипка, каскадерка, актерка што живее за предизвици

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Лектор: Ивана Кузманоска

Третата сезона на „Преспав“ се снимаше со неверојатно брзо темпо. Снимавме по една епизода на ден, што во Бугарија е незамисливо. А мене многу ми прилега брзо темпо затоа што јас физички не се изморувам, а умствениот умор ме прави да се чувствувам жива, вели Маринова

„Никој не го исполнил својот сон без да им се спротивстави на сопствените стравови“ е мотото на бугарската актерка Јана Маринова, жена со богато искуство, нескротлива енергија и голема харизма, а која сега е дел од актерската екипа на „Преспав“. Јана е сестран уметник и се чувствува еднакво добро и на големиот екран и на сцената во театарот.
Покрај нејзината очигледна убавина, таа емитува ненаметлива самодоверба во која нема ароганција. Освен тоа, се смее гласно, има одличен апетит и не изгледа како принцезата што се насмевнува срамежливо.


Неодамна ја посетила познатата Школа за актерство на Ли Стразберг во Лос Анџелес, каде што три месеци интензивно изучувала актерски техники. Играла во „Glass home” „Familiata”, „Liasons”, „Zabranena Liubov”... Всушност, играла во 350 епизоди од различни серии, како и во филмови.
Маринова е новото актерско засилување во третата сезона на ТВ-серијалот „Преспав“ со ликот на Преслава. По емитувањето на првите шест епизоди од новата сезона, откако таа се претстави на нашите телевизиски екрани, посакавме да ја запознаеме подобро и да ѝ раскажеме на нашата публика зошто токму нејзе ѝ е доделена улога во „Преспав“.

„Преспав“ е најгледаната ТВ-серија во Македонија. Вие глумите во многу бугарски серии и играни филмови. Се радувате ли на можноста за соработка со македонските актери и креативци? Што значи за Вашата кариера овој подвиг?

- Кога ми предложија да глумам во серијата „Преспав“, да бидам искрена, бев збунета. Не бев сигурна за што точно станува збор и дали сум во состојба да прифатам улога во комедија во тој момент. Тогаш направив едно истражување и кога видов кои актери се ангажирани во серијалот, кога изгледав неколку епизоди од изминатите сезони и кога се информирав за проектите што стојат зад ОХО, не можев да дочекам до следниот состанок да им соопштам дека ја прифаќам улогата. Со колегите актери од „Преспав“ се поврзавме уште првиот ден. Сите се невозможно талентирани професионалци и многу сум среќна што имавме добра соработка која ја заокружуваме со фантастичен производ. Навистина многу ми значи овој проект затоа што си покажав уште еднаш себеси дека можам да „пливам самоуверено“ во секакви води. Третата сезона на „Преспав“ се снимаше со неверојатно брзо темпо. Снимавме по една епизода на ден, што во Бугарија е незамисливо. А мене многу ми прилега брзо темпо затоа што јас физички не се изморувам, а умствениот умор ме прави да се чувствувам жива.

Да ѝ откриеме малку на публиката, каков е Вашиот лик?

- Преслава е поранешна мис на Бугарија, која е мажена за бугарски бизнисмен. Одлучува да го купи „Преспав“ по инсистирање на сопругот, кој сака што помалку да ја гледа во Софија за да може да минува повеќе време со новата љубовница. Идејата е дека „Преспав“ ќе биде дел од синџир пансиони на Балканот кои ќе функционираат по европски принципи, но со локален шмек. Но, под оваа идеја се кријат лукративни намери - Преслава сака најголем дел од парите, односно од профитот, да го задржи за себе, искористувајќи што е можно повеќе европски фондови. Таа е итра и секогаш со план Б и алтернативни решенија на сите проблеми. Мажите ги заведува за да го добие тоа што го сака, користејќи го физичкиот изглед. Преслава е многу побожна, иако најчесто ѝ се јавуваат потреби за молитва и повикување на Господ откако ќе направи нешто неетичко.


Дали пронаоѓате сличности меѓу себе и ликот на Преслава?

- Пред сè, во мојот живот не ги почитувам интригите и да печалам со манипулација на луѓето, но како темперамент и намера секогаш да го наоѓам патот кон постигнување на целта, имам заедничко со Преслава. Едноставно сум учена да не го познавам зборот „не можам“, но го користам тој квалитет за да мечтаам смело, да бидам упорна кон остварување на целите и по патот да наоѓам вредни луѓе за пријатели.

Имате богато искуство на филм и на телевизија. Меѓу другото, работите и како каскадерка. Како се роди таа желба и каде го изучувавте каскадерството?

- Уште како дете бев многу дива. Кожата ми е полна со лузни. Скокав од коњи, учествував во женски рели-трки, имам дури и еден златен пехар, но се уморив од тоа. Сега само повремено работам како каскадер, кога ќе проценам дека станува збор за нешто многу возбудливо и интересно. За мене е нормално да направам жртва во име на кариерата. Сè што ми се случило оставило трага на моето лице, но важно е да ми се допаѓаат моите брчки. Човек мора да ги напушти своите илузии, да престане да размислува за себе. Нашиот најголем непријател е оној во огледалото. Мора да ги затворите очите и да го следите ритамот на своето срце.

Ви се случило ли некогаш да Ви биде загрозен животот при снимање филм како каскадер?

- Сега кога ќе се присетам, тоа навистина се случило многу пати. На пример, во шоуто „И јас  го можам тоа“ танцував во воздух на обрач. Додека го изведував танцот на 4-5 метри од земјата, остри мисли го опседнаа мојот мозок. Мислев дека ако паднам од високо, ќе се распарчам на подот. Ме исплаши помислата дека немам за што да се фатам. Потоа таа мисла често ми беше лекција и во животот. Но, ми се случиле и страшни случки во театар, кога не сум го предизвикувала животот со каскадерски изведувања.
Друга интересна случка беше кога глумев во претстава по делото на Мајкл Фрејн - „Зад завесата“. Требаше да скокнам низ еден прозорец на сцена, и секогаш низ едното крило, затоа што другото не се отвораше. Но, на самата претстава поради возбуда и адреналин, скокнав низ погрешното крило и настана тотален хаос, јас се повредив, а на мене падна сценската декорација... Публиката умираше од смеа, а режисерот ми викаше: „Ќе те убијам! Го уништи прозорецот!“


Сте учествувале во „Survivor“, сте биле мис на Бугарија, снимате реклами, танцувате како професионалец, тренирате бокс... Се чини дека спротивностите Ве привлекуваат.

- Тоа само значи дека можам да играм многу различни ликови. Амбицијата кон спортот ја должам на моето образование. Учев во гимназија за физичка култура. Пред многу години вежбав лесна атлетика, а пред тоа се занимавав и со гимнастика. Играњето на шипка го почнав поради улога во една комедија, каде што мојот лик беше професорка по литература, поранешна натпреварувачка во танци. Поради оваа улога, два месеца вежбав танго и хип-хоп. И во претходниот филм, семејната комедија „Живи легенди“, бев стриптизета. Четири месеци интензивно се обучував за танцување на шипка, фокусирајќи се на гимнастички елементи, така што да можат и тинејџери да го гледаат. Двата филма направија бум во бугарските кина.

Изведувачките уметности во речиси сите форми Ви се блиски, меѓу нив, и театарот (а ако не се лажам), Вие сте дипломиран економист. Во кој жанр најмногу се пронаоѓате?

- На почетоците на мојата професионална кариера бев менаџер на ресторан, а работев и во семејниот бизнис. Живеејќи во време кога општеството налага дека за успех е потребно да си економист, правник или доктор, се запишав на економија, планирајќи да продолжам во таа насока. Малку подоцна сфатив дека животот не е ограничен на овие професии и доколку доволно се посветите и вложите труд и љубов, работењето во различни сфери може да ви донесе солидна заработка. Ја обожавам иронијата. Не сум комедиски актер, но уживам и во други жанрови, а не само во драма.


Играте дублер на Марија Калас во монодрама. Како се подготвувате за изведба на таква улога? Каков е креативниот процес кога работите монодрама и сте единствениот актер на сцената?

- Приказната е за животот на дублерката на Марија Калас, Викторија Глас, која засекогаш останала во сенка на големата примадона. Но, прашањата што ги задава претставата се, всушност, многу секојдневни: Што значи кога копнееш по туѓ живот и туѓ успех, на оние на кои најмногу им се восхитуваш, а истовремено никогаш да не го добиеш? Викторија Глас, која е опседната со Калас, е принудена да се крие зад сцена. Измамена од оние што најмногу ги сакала и на кои им верувала, таа ги губи своите најубави години. Доста луѓе се имаат соочено со истата судбина, во различни ситуации. И кога ќе се доведеш во таква ситуација, како одново да почнеш? Дали им дозволуваме на нашите соништа целосно да нѐ контролираат? Кога сфаќаме дека полека нѐ уништуваат? Како да ги надминеме нашите илузии, за „како треба да биде“? Одговорот е, смеејќи се. Кога ќе успееме да се насмееме на нашите грешки, ќе ги заборавиме. Кога ќе се потсетиме колку е убаво да се сакаш повторно и сам да си го режираш животот. Тоа се суштинските прашања за кои зборува оваа монодрама.

Доколку не го играте ликот на Преслава, дали постои друг лик кој Ве привлекува и би сакале да го претставите?

- Убеденa сум дека тимовите од професионалци, поттикнати од општата идеја, можат да докажат дека добра кинематографија сѐ уште постои! Би ја прифатила секоја улога што ќе одговори на оваа максима! Си го посакувам тоа секоја вечер пред да заспијам!