Инспекторот Илиевски завчера изврши контролен надзор на Тетовски. Ќе има ли разврска случајот?

Инспекторот Илиевски завчера изврши контролен надзор на Тетовски. Ќе има ли разврска случајот?

Вишиот просветен инспектор Илиевски за Факултети.мк објаснува дека бил добро примен од ректорот Вулнет Амети и генералниот секретар Адем Беадини, кои покажале волја за соработка

Вишиот просветен инспектор и раководител во одделението за инспекциски надзор во високото образование - Ѓорѓи Илиевски завчера извршил контролен инспекциски надзор на Државниот универзитет во Тетово во врска со унапредувањето на тројцата државни функционери во повисоки наставно-научни звања на Правниот факултет при ДУТ.

Илиевски за Факултети.мк објаснува дека бил добро примен од ректорот Вулнет Амети и генералниот секретар Адем Беадини, кои покажале волја за соработка. Инспекторот минатиот месец јавно објави дека во редовна инспекција увидел незаконското унапредување во научно-наставните звања на министерот за образование и наука Арбер Адеми, заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нихиу и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост, Сафет Емрули.


Виш просветен инспектор Ѓорѓи Илиевски

- Бев добро примен од раководството на тетовскиот универзитет. Луѓето се свесни за сѐ што се случило. Политиката ја имала главната улога во сето ова. Адеми и Нихиу требаше сами да отстапат и да им се повлечат научните звања. Бидејќи Универзитетот не ги прими решенијата, јас на контролниот инспекциски надзор им ги дадов фотокопирани. Во наредниoт период тие се обврзаа да ги свикаат органите на Универзитетот и да се донесе одлука за укинување на тие наставно-научни звања - вели Илиевски.

Тој додава дека по налог на директорот на Државниот просветен инспекторат, Томе Спироски, тројца други инспектори биле испратени да направат вонреден инспекциски надзор на ДУТ за истите случаи.
- Директорот Спироски ги задолжил инспекторите Африм Салиу, Даниела Кировска и Христина Јовановска да извршат вонреден инспекциски надзор. Во тој извештај стои дека нема никаков проблем и дека сѐ е законито. Тие констатираат една нелогичност – во периодот кога на Адеми му мирува местото, тој докторира и тие мислат дека тој можел да се унапреди - објаснува вишиот инспектор.


Тој најавува дека в понеделник ќе достави допис и до Државната комисија за спречување корупција, која понатаму треба да го преземе случајот. Илиевски вели дека пред неколку дена се сретнал со францускиот амбасадор во земјава, Кристијан Тимоние, кој му дал поддршка да го истера случајот докрај. Според Илиевски, Тимоние одлично ги познава состојбите во македонското образование.