Skip Navigation LinksСтуденти Студентски организации Борд на Европски Студенти по Технологија BEST Скопје

Борд на Европски Студенти по Технологија BEST Скопје

БЕСТ (Борд на европски студенти по технологија) е студентска организација која на интернационално ниво, од 1989 година овозможува остварување на комуникација, соработка и можности за размена за студентите од цела Европа. Како резултат на тоа, низ годините и сега, БЕСТ создава растечка мрежа на млади и иновативни луѓе која е присутна во 30 земји преку 89 локални БЕСТ групи. Студентите од цела Европа, преку настаните организирани од локалните БЕСТ групи, имаат уникатна можност за меѓусебно запознавање и учење едни од други, како и можност за патување и запознавање на европските земји! Мрежата на локални БЕСТ групи го овозможува тоа преку организирање на формални и неформални настани и курсеви, кои и покрај академските, им помагаат на студентите да ги развијат и своите лични способности.

БЕСТ–Скопје Зачетоците на БЕСТ во нашата земја датираат уште од 9 март 2002 година, кога група на студенти го формираат локалниот огранок на оваа организација, но официјално БЕСТ–Скопје станува член на 8-ми ноември 2002 година и се здобива со статусот “baby member”. Веќе во ноември 2003 година, БЕСТ–Скопје станува полноправен член. Од своето постоење, БЕСТ–Скопје организира различни видови на настани меѓу кои и Саемот за вработување и кариера (JobFair) кој оваа година ќе биде организиран по 7-ми пат. Покрај тоа БЕСТ-Скопје, како и сите други локални БЕСТ групи, организира Меѓународни академски курсеви.

Што се меѓународни академски курсеви?
Курсевите се настани организирани од локалните БЕСТ групи низ цела Европа, кои се одвиваат во четири термини. Тие на студентите им нудат можност за едукација, дружење и патување. Курсевите во најголем дел се од технички карактер и често се случува студентите да се двоумат дали да се пријават или не, мислејќи дека тоа не е за нив. Напротив, сите курсеви се на почетно ниво и се прилагодени за сите студенти! Заинтересираните и оние кои се двоумат треба да знаат дека се што е потребно да се учествува на еден курс е мотивација, желба за дружење и патување и интерес за темата на курсот!

На курсевите можат да се пријават сите студенти кои студираат на некој од факултетите на УКИМ, а тоа можат да го сторат на официјалната страница на БЕСТ (http://www.best.org.mk/) преку регистрирање за избраниот курс и испраќање на мотивационо писмо. Селекцијата на избраните кандидати ја врши локалната БЕСТ група која е организатор на курсот, врз основа на испратеното мотивационо писмо.

Повикот за пријавување на курсевите во летниот термин е веќе отворен, а истиот ќе трае до 20 март. Оваа година курсеви ќе се одржат во Чешка, Хрватска, Романија, Белгија, Шпанија, Португалија и во многу други европски земји. Целосната листа на настани може да ја најдете на официјалната страница. Оние студенти кои ќе се пријават и учествуваат на курсевите потребно е да знаат дека во однос на трошоците, останува на нив да ги платат патните трошоци до земјата каде ќе бидат примени на курс, додека сите останати, како оние за храна, сместување, кафе паузи и слично, се покриени од локалната БЕСТ група која го организира настанот.