Политички студии

Политичките студии на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје се основани во учебната 1993/94 година како четиригодишни додипломски студии. До учебната 2004/2005 година, вкупно се запишани 1. 111, студенти од кои дипломирале 274. Според досегашната студиска програма, наставата се изведуваше во осум семестри, или во четири учебни години, со вкупно 25 предмети. По завршувањето на третата година студентите се насочуваа и избираа една од групите: прва група - политички систем; втора група: јавно мислење и масовни комуникации; трета група: меѓународни политички односи. По завршувањето на студиите се стекнуваше степен дипломиран политиколог.

Постојната програма на политичките студии приспособена и дополнета според критериумите на кредит трансфер-системот. Според приспособената и дополнета студиска програма, политичките студии траат десет семестри, односно пет години со вкупно 300 кредити. Постојните 25 предмети влегуваат во листата на 25 задолжителни предмети со 180 кредити, односно со 1308 часови настава и тие се 60% од студиската програма.

Приспособувајќи се на ЕКТС, постојните три групи во седмиот, осмиот и деветтиот семестар се модифицираат во пет групи/насоки во кои се изучуваат по седум изборни предмети во струката/насока-та, кои носат 56 кредити со 420 часа настава, или 19% од студиската програма. Со одбирањето на една од наведените групи студентите се специјализираат за:

  1. применета политика; 
  2. дипломатија и меѓународни односи; 
  3. политички менаџмент; 
  4. европски институции и политики; 
  5. мировни студии.