Стоматолошки факултет

Како средишна врска помеѓу општеството и стоматолошките струковни тела, Стоматолошкиот факултет при Универзитетот Светите Кирил и Методиј во Скопје, Република Македонија, има критична улога за унапредување на оралното здравје во земјава.

       Како единствен Стоматолошки факултет во Македонија свесни сме дека значајот и  угледот на нашиот Факултет во земјава е во нераскинлива врска со квалитетот на нашите едукативни програми. Исто така, сосема сме свесни дека за да се одржува тоа високо ниво на едукативните програми неопходно е да се има слух за треперливата и движечката истражувачка култура и посветененоста кон јавните обврски, кон хуманоста и етичноста во извршувањето на тие јавни обврски.

       Во светот на стоматологијата се случуваат постојани и забрзани промени. Информираноста за тие промени  и улогата на истражувањата нè обврзуваат постојано да ја менуваме визијата за развојот на Факултетот. Современите предизвици треба да ги пресретнеме аналитично и прилагодливо - сè со цел формирање компетентни професионалци, бидејќи од стоматологот денес се бара да биде оспособен за самостојно или тимско згрижување на пациентите.

       Нашиот Факултет се стреми кон обезбедување современ начин на студии. Во 2002 г. инициравме воведување петгодишни студии по стоматологија според Европскиот кредит трансфер систем, со цел да се доближиме и да се изедначиме до Европскиот модел на студии по стоматологија, што е предуслов за признавање на докторските дипломи по стоматологија во Европа.

       Ние од Стоматолошкиот факултет, не е нескромно ако кажеме дека, сме горди што одговорно го следиме и учествуваме во унапредувањето на реномето на Универзитетот во Скопје, но и своето сопствено, преку обезбедување современи студиски програми, истражувачка работа, што, пак, подразбира дека нашите студенти - идни доктори-стоматолози и практичари, глобално, ќе ја остваруваат основната мисија на Факултетот - унапредување на оралното здравје во Република Македонија.