Офицерскиот дом во Битола, изграден во 1912 година, кој претставува споменик на културата, се прогласува за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење, изјави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
На прес-конференција во Битола, министерката нагласи дека Одлуката за прогласување на Офицерскиот дом во Битола за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење, ја донесе Владата на предлог на Управата за заштита на културното наследство и мислењето на Националниот совет за културно наследство.
- Со одлуката е обезбеден највисок режим на заштита кој подразбира трајно зачувување на Офицерскиот дом во изворна состојба, создавање поволни услови за опстанок на Офицерскиот дом и задржување на интегритетот на сите податоци што тој ги носи со себе како сведоштво, ширење на сознанијата за вредностите и значењето на Офицерскиот дом и за неговата улога во културната идентификација, оспособување на Офицерскиот дом според неговата намена и значење, заради задоволување на културните, научните, едукативните, естетските, економските, туристичките и другите потреби на граѓаните и општеството и спречување дејствија, појави и влијанија со кои се врши или може да настане оштетување или деградирање - истакна Костадиновска-Стојчевска.
Извор: МИА