На 4 април 1904 година, во 12 часот и 25 минути, пограничното подрачје помеѓу Пехчево и Кресна (Р. Бугарија) било погодено од разорен земјотрес со магнитуда од 7,8 степени според Рихтеровата магнитудна скала и интензитет од Х степени според EMSC-98. Ова е најсилниот земјотрес што се случил на копнениот дел на Балканскиот Полуостров. Најголемиот дел од населените места околу епицентарот биле целосно разурнати, куќите биле непогодни за живеење, поради што жителите живееле во шатори и колиби. Огромни материјални штети имало и низ целата држава, како и во соседството, Бугарија, Србија, Албанија, Грција, каде што земјотресот бил почувствуван.
Бројот на загинати и повредени достигнал околу 150 лица. Овој земјотрес се карактеризира со разни сеизмодеформации, и тоа сеизмотектонски (воочливи раседи на површината на Земјата), сеизмогравитациони (одрони и др.) и сеизмодинамички (појава на пукнатини на хоризонтални терени). Како позначајни може да ги издвоиме големите пукнатини кои ги предизвикал како во Пехчево така и во сите други места каде што земјотресот бил почувствуван. Станува збор за широки и длабоки пукнатини, особено оние близу до епицентарот, чиј крај не можел да се види, луѓе се спуштале, но не стасувале до дното, а одекнувањето од фрлен камен се слушало цела минута. Покрај пукнатините, земјотресот предизвикал и појава на ликвифакција (феномен при кој почвата под дејство на динамичкото влијание на земјотресот ги губи своите механички својства и добива особини на вискозна средина) и избивање на топла и ладна вода на повеќе места, некаде таа избивала од површината нагоре до 100 м, некаде предизвикала поплави, а по одредено време исчезнала.
На главниот земјотрес му претходеле три умерено силни до силни земјотреси со магнитуди од 5,1 до 7,3 степени, а во афтершоковата (последователна) активност, која траела речиси две години, биле забележани уште 5 земјотреси, 3 во 1904 година и 2 во 1905 година со магнитуди од 5,4 до 65 степени според Рихтеровата скала.
Сеизмолошка опсерваторија при ПМФ