Конкурси

МОН распиша конкурс за основци инспирирани од делата на Блаже Конески

МОН распиша конкурс за основци инспирирани од делата на Блаже Конески

12.03.2021
По повод одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, Министерството за образование и наука распиша конкурс за ученици од основното образование инспирирани од делата на Блаже Конески. Право на учество имаат сите основци, а ќе бидат доделени вкупно 27 награди, само за освоено прво место, во секоја категорија, за секое одделение од основното образование. Секоја награда се состои од книги, стои во конкурсот.

Во него е наведено дека учениците од прво до трето одделение може да учествуваат во три категории:

1. Награда за најдобра ликовна творба „Блаже Конески низ цртеж“

2. Награда за најдобра ликовна творба „Буквите низ цртеж“

3. Награда за најдобра ликовна творба/фотографија.

Учениците од четврто до деветто одделение, пак, може да учествуваат со свои творби на темите: „Конески бдее над татковината - јазикот“ или „Поезијата на Блаже Конески - наша ненасушна инспирација“ во следните категории:

4. Награда за најдобра поетска творба

5. Награда за најдобар расказ

6. Награда за најдобра ликовна творба/фотографија.

- Творбите треба да бидат оригинални, плод на трудот и знаењето на ученикот, инспирирани од богатата ризница на поетски творби на Блаже Конески. Еден ученик може да испрати само по еден индивидуален авторски труд во една категорија или во повеќето наведени категории, соодветно на одделението во кое учи ученикот. На творбите од ученикот треба да стои шифра, одделение и категорија за која конкурира и во посебен внатрешен плик означен со истата шифра на ученикот да бидат доставени податоците на ученикот (име и презиме, одделение во кое учи ученикот, училиште, општина и контакт-телефон од родителот/старателот). Внатрешниот плик со податоците на ученикот ќе биде отворен само за наградените творби по извршениот избор во категориите - стои во конкурсот.

Во него се додава дека крајниот рок за доставување на творбите е 1 април 2021 година, а истите треба да се достават во затворен плик со назнака „За Конкурс за ученици од основното образование инспирирани од делата на Блаже Конески“, на оваа адреса: Министерство за образование и наука, ул. „Кирил и Методиј“ бр.54 1000 Скопје.

Имињата на наградените ќе бидат објавени на страницата на МОН најдоцна до 20 април, а Министерството ќе ги надомести средствата за превоз на наградените учесници за придружба на еден возрасен, во висина на карта за автобуски превоз.

Останати Конкурси