Образование

Семинар од областа на ветеринарната медицина во организација на Ветеринарниот факултет при УКЛО

Семинар од областа на ветеринарната медицина во организација на Ветеринарниот факултет при УКЛО

активен до31.12.2099
13.05.2025
Успешно е одржано третото издание на меѓународниот семинар од областа на ветеринарната медицина, во организација на Ветеринарниот факултет – Битола и Ветеринарната комора. Настанот се реализира со поддршка од академската заедница на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, како дел од пошироките заложби за унапредување на стручните капацитети, научната соработка и интернационализација на академската заедница.

Семинарот собра учесници од Македонија, Словенија, Србија и други земји, меѓу кои универзитетски професори, практичари, институционални претставници и стручњаци од областа на безбедноста на храната и здравствената заштита на животните.

3

- Овој семинар не само што е можност за размена на искуства, туку и показател за тоа колку е важно да се негуваат стручноста и професионалниот интегритет во ветеринарната дејност. Горди сме што Ветеринарниот факултет во Битола ја зацврстува својата улога како регионален центар за наука и практика. Во мое име и во име на вработените од Ветеринарниот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, членка на европската универзитетска алијанса КОЛОРС, ни претставува особена чест што сме домаќини и коорганизатори на овој значаен семинар, заедно со нашите партнери од македонската Ветеринарна комора. Како дел од алијансата КОЛОРС, посветени сме на интернационализација на знаењето, трансдисциплинарна соработка и градење заеднички европски образовен и истражувачки простор. Токму овие вредности се вградени во духот на овој семинар – простор каде што се среќаваат различни академски перспективи, се негуваат иновациите и се промовираат одржливи решенија во ветеринарната наука и практика. Нашето заедничко дејствување е доказ дека преку здружени сили можеме да изградиме силна платформа за знаење, дијалог и напредок.

4

Овој семинар е многу повеќе од академски собир. Тој претставува мост меѓу теоријата и практиката, меѓу генерации, и меѓу експерти од различни земји – што сведочи за неговиот интернационален карактер и значење. „Посебна благодарност упатувам до нашите предавачи и учесници од земјата и од странство. Вашето присуство не само што го потврдува интернационалниот карактер на овој семинар, туку и сведочи дека ветеринарната медицина нема граници – напротив, таа има сила да обединува, да ги надминува разликите и да нè поврзува во заедничката мисија за напредок и хуманост -  нагласи проф. д-р Никола Караболовски, декан на Ветеринарниот факултет – Битола.

Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, го поздрави настанот посочувајќи дека семинарот е доказ за зрелоста и европската ориентација на нашите факултети и дека поддршката на вакви иницијативи е суштински дел од мисијата на УКЛО.

Д-р Верче Мицевска, национален координатор за безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика, ја истакна потребата од стратешка соработка - соработката помеѓу институциите и струката што е клучна за унапредување на безбедносните стандарди, со потврда на ставот дека ваквите семинари овозможуваат нови перспективи и конкретни решенија.

Од име на коорганизаторот и претседателот на Ветеринарната комора, д-р Жарко Михајлоски го споделува ставот дека професијата се соочува со нови предизвици, а решенијата се креираат токму низ ваков дијалог, научна основа и заедничка визија.

Присуството на градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, и другите високи гости од повеќе национални и меѓународни институции ја нагласи поддршката што ветеринарната наука ја добива на локално и регионално ниво.

Настанот, кој се одржа на 10 мај 2025 г., беше збогатен со културна програма во изведба на ученици од музичкото училиште, а во работниот дел се одржаа тематски сесии, панели и дискусии на теми како што се модерни дијагностички пристапи, здравје на животните и интегрирана безбедност на храна.

Со своето трето последователно одржување, Семинарот ја зацврсти традицијата и уште еднаш го потврди Ветеринарниот факултет – Битола како значаен академски и научен центар во регионот, со активен придонес во развојот на современата ветеринарна наука и практика.

(Комерцијална објава)

Останати Образование