Наша тема

Никола Узуновски: Уметноста им е најпотребна на маргинализираните за да научат да го кренат гласот и да создадат свој свет

Никола Узуновски: Уметноста им е најпотребна на маргинализираните за да научат да го кренат гласот и да создадат свој свет

активен до31.12.2099
16.11.2021
Уметноста е, всушност, барање начини како да се нагласат пораките што сакаме да ги кажеме и пренесеме. Тие пораки ги пренагласувам бидејќи сакаме да ја промениме реалноста, вели мултимедијалниот уметник Никола Узуновски

Едукативната програма во рамките на Музејот на современата уметност МСУ) периодов го проширува образовниот дискурс со серија предавања и работилници под наслов „МСУ школо“, под менторство на мултимедијалниот уметник Никола Узуновски. Предавањата се организираат еднаш неделно, секој вторник во ноември и во декември. Целта на програмата е подигнување на генералното образование, познавање и интерес за визуелната, особено за современата визуелна уметност.
Едукативната програма е фокусирана, пред сѐ, кон стручна група публика, а паралелно Узуновски разработува стратегија како во оваа програма да бидат вклучени и групи од пошироката јавност, новите генерации млади уметници, и иницијатива како да им се доближи современата уметност на маргинализираните групи граѓани, кои би се едуцирале за историјата на современата уметност од една поширока информативна гледна точка.



Генералното познавање и интересот за уметноста ни се на ниско ниво

Една од клучните амбиции на МСУ е да се зајакне едукативната програма.

- Едукативната програма треба да ја насочиме, пред сѐ, кон стручната публика. Сметам дека на овој начин повеќе би се амбицирале домашните уметници. Потребни ни се поголем број уметници кои би создавале дела што можат да им компарираат на светските автори, чии дела се изложени во светски познатите музеи. Дела кои предизвикуваат емоции, кои ни зборуваат, комуницираат со спектаторот, остануваат во сеќавање и најважно од сѐ, кои го менуваат погледот или го редефинираат светот. Што се однесува до едукација на пошироката публика, кај нас, генералното познавање и интересот за уметноста се на ниско ниво. Дури и за оние раритетно добри дела што ги создаваат домашните автори треба да има публика која ќе знае да ги прочита, ќе посака да ги види, бидејќи само така едно дело е комплетно. Поради тоа, ќе ја прошириме програмата и ќе ја посветиме и на младите уметници, надоаѓачки генерации артисти, особено во периодот, пред и за време на Меѓународното биенале на млади уметници, кое ќе се случува од мај до септември во МСУ. Ќе организираме серија предавања и работилници на кои ќе се зборува за тоа што претставува уметноста денес, како таа се користи, кои се најрепрезентативните примери, кои се главните теми со кои се занимава современата уметност. Бидејќи за да се стигне до квалитетен уметнички продукт, неопходна е долгогодишна посветена работа. Станува збор за серија предавања за современата уметност во кои ќе се разработат главните аспекти, од дефинирање, преку зошто постои и како се користи, до системот, техниките, актуелните теми и нејзината манифестација. Главното прашања на уметноста е како да се нагласи пораката која сакаме да ја кажеме, а еден од најдобрите начини е да замислиме еден подобар свет. И затоа мислам дека на маргинализираните луѓе и групи уметноста им е најпотребна, и преку неа можат да научат како да го кренат својот глас и да создадат еден свој свет. За подобро да го сфатат тоа, ќе се потрудиме и ние да им понудиме програми адаптирани за нив - вели Узуновски.


Никола Узуновски

Предавања за поизострена слика за уметноста

Идејата за „МСУ школо“ потекна токму од фактот што генералното познавање и интересот за визуелната, а особено за современата визуелна уметност се многу ниски.
- За разлика од воопштената теоретска литература за уметност за која се учи во основно и во средно училиште, за ликовната не се учи речиси ништо. Се среќаваме со публика која нема идеја зошто служи уметноста или дури има тотално погрешна идеја за неа. На ова ниво на знаење остануваат и поголемиот број студенти по визуелни уметности, па поради тоа имаме многу ретки примери на квалитетна уметност или дизајн. Целта на програмата е подигнување на генералното знаење и интерес за визуелната, а особено за современата визуелна уметност. Програмата на „МСУ школо“ е насочена, пред сѐ, кон студентите на Факултетот за ликовна уметност, Историја на уметност и археологија, Архитектонскиот факултет, на Факултетите за дизајн, мода и сл., но и кон сите оние што пројавуваат интерес кон современата уметност и имаат афинитети да добијат поизострена слика за уметноста - вели тој.

Обработување на уметноста денес

Во серијата предавања ќе се обработат главните прашања кои ја дефинираат уметноста денес. Како таа се користи преку експлицитни примери, главните теми што се во фокусот на современата уметност, системот на продукција и нејзина интеракција со јавноста. Прв чекор е да се даде генерална слика или база за тоа зошто е потребна уметноста и за оние што ја восприемаат, односно гледачите, и за оние што ја создаваат.
- Освен што треба да се научи да се гледа уметноста во својот контекст, а не одделена од него, најважно е да имаат подобра слика што се случува и кои се главните промени во последниве години. На многу факултети програмите не се приспособуваат и на студентите им изостануваат токму примерите кои тие треба да се стремат да ги надградат. Сега сме на самиот почеток на програмата, подлабоки дискурси сѐ уште не се отворени, но некои студенти се заинтересирани да продлабочат одредени примери или теми, а впечатокот на други е дека предавања од ваков тип се навистина ретки и треба да ги има сѐ почесто. Уметноста е, всушност, барање начини како да се нагласат пораките што сакаме да ги кажеме и пренесеме. Тие пораки ги пренагласувам бидејќи сакаме да ја промениме реалноста. Колку повеќе луѓе што ги пренагласуваат пораките и колку повеќе луѓе што слушаат, толку поскоро ќе го смениме светот - потенцира Никола Узуновски.

Од Енди Ворхол до Велимир Жерновски

Во серијата предавања ќе се обработува дефиницијата на уметноста, развојот на визуелната уметност низ вековите и како таа се надградувала до денес, ќе се направи дистинкција помеѓу тоа што е уметност, а што занает, применетата уметност како дизајнот, архитектурата, маркетингот... За да се разбере современата уметност, неопходно е генерално предзнаење и за историјата на уметноста. Ќе се разговара за уметноста на 20 век преку конкретни примери и правци. Степенувајќи ја важноста на уметноста што ја создавале Марсел Дишан, Енди Ворхол, Џозеф Кошут, Џеф Кунс... Потоа за промените што ги донесе уметноста во 21 век, преку селекција на најзначајните уметници на денешницата - Олафур Елијасон, Риркрит Тираваниџа, Аи Веи Веи, Маурицио Кателан... На крајот ќе се претстават најактуелните уметници денес, како Тино Сегал, Хито Штејерл, Форензик архитекчур, Томас Сарасено, Таниа Бругеира. Ќе биде презентирана и современата уметност на Балканот. Преглед на најзначајните уметници присутни на интернационалната сцена, како Марина Аврамовиќ, Младен Стилиновиќ, Н.С.К., Немања Цвијановиќ, Дан Перјовши, Даниел Кнор, Адриан Паци, Селман Селма... и уметноста во Македонија. Претставување на некои од најзначајните уметници, кои се активни, не само на локална туку и на интернационална сцена, како колективот О.П.А., уметниците Игор Тошевски, Нада Прља, Јане Чаловски, Христина Ивановска, Велимир Жерновски...



Узуновски има реализирано 15 самостојни изложби и над 100 групни

Узуновски е меѓународно признаен мултимедијален и концептуален уметник. Освен активниот ангажман во уметноста, тој досега има одржано безброј предавања и работилници низ светот, во Финска, Шведска, Норвешка, Естонија, Тајланд, Италија, Хрватска и Македонија.
Своето образование како уметник го дооформува надвор од земјава на Ликовната академија во Неапол, Италија. Го завршува вишиот курс за визуелни уметности на Фондацијата „Антонио Рати“ во Комо, Италија, а потоа студира на Финската академија за ликовни уметности на отсекот просторно-временска уметност во Хелсинки. Постдипломските студии ги завршува на Универзитетскиот институт за архитектура во Венеција, Италија.
Во своите дела често ги комбинира науката и уметноста. Тој е плоден уметник, со учество на над 100 групни изложби и 15 самостојни изложби низ светот.
Уште за време на неговите студии во Италија, во Скопје ја добива наградата „Ѓорѓи Зографски“. Добитник е и на наградата за видеоарт во Басано дел Грапа, Италија.

Фото: приватна архива

Останати Наша тема