Наша тема

Плати сметка за друг - акцијата на „Ways2Help“ ја буди хуманоста

Плати сметка за друг - акцијата на „Ways2Help“ ја буди хуманоста

активен до31.12.2099
16.12.2021
Според досегашните резултати на оваа акција, платени се речиси 1.500 сметки за струја или вода, помогнати се над 200 семејства од 1.403 донатори со над 2.500.000 денари, или над 40.500 евра

„Семејство со три деца во кое таткото од пред една година е тешко болен. Една година се веќе без струја, а имаат бебе од пет месеци, кое исто така не е во добра здравствена состојба.“

„Мајка со две деца. Поради ковид-19 ги губи сопругот и работата, па запаѓаат во долгови. Згора на сѐ, и ќерката се разболува и трошоците се зголемуваат, поради што остануваат и без струја.“

„Постар брачен пар, и двајцата болни, со долгови за кредити, има заостанати сметки за струја и најава за исклучување.“

„Л.А. е самохрана мајка со мозочен удар, парализирана од јануари. Има три ќерки, од кои две се болни, а најстарата се грижи за сите.“

Ова се само дел од приказните на семејствата на кои во моментов им треба помош да си ги подмират заостанатите сметки за струја или вода преку акцијата „Плати сметки - помогни на социјално загрозено семејство“ на платформата „Ways2Help“, која повеќе од две години ги поврзува организациите, компаниите и индивидуалните донатори со цел да им се помогне на социјално загрозени семејства, деца без родители и деца на самохрани мајки.



Некои од овие семејства имаат само по една неплатена, некои по неколку неплатени сметки, а сумите се движат од илјада до шест илјади денари.

Моника Ризовска, коосновач на Ways2help, вели дека покрај можностите за онлајн донирање, платформата нуди и опции за редовно плаќање режиски сметки за струја и вода, донации на училиштен прибор, храна и санитарни производи, но и да им пренесат знаење на дечиња од сиромашни семејства, со цел и тие да се стекнат со основни познавања од ракување и одржување на лаптоп или компјутер.



- „Плати сметка“ е акција која ни е при срце бидејќи самото решение беше иницирано и инспирирано од лична приказна на девојка од тимот која се соочи со финансиска криза поради пандемијата. Се отвори потреба да си помогнеме едни на други. Така произлезе акцијата „Плати сметка“ - посочува таа.

Според досегашните резултати на оваа акција, платени се речиси 1.500 сметки за струја или вода, помогнати се над 200 семејства од 1.403 донатори со над 2.500.000 денари, или над 40.500 евра.

Досега Ways2help организирале многу хуманитарни акции, а во тек е акција за собирање новогодишни играчки, облека и покуќнина за деца од социјално загрозени семејства. Апелираат до секој што сака да донесе новогодишен подарок, за која било возраст, на дете од социјално загрозено семејство во Скопје, дека тоа може да го направи во „Среќа бар“ во Скопје.

Скромната идеја привлекла многу волонтери

Како долгогодишни волонтери во различни организации за подобрување на општеството, членовите на тимот на Ways2help биле свесни за предизвиците на организациите, како и на донаторите и компаниите.

Затоа, според Ризовска, одлучиле да го променат донаторското искуство и да го направат поедноставно, а со тоа и попривлечно.

- На почетокот зад ова решение првично стоеше тим од пет луѓе, додека сега сме веќе единаесет: Марта Толевска, Дина Дамјановиќ, Адриан Џумкар, Моника Ризовска, Георге Богдановски, Александра Манолчева, Бојан Ангелески, Андриана Илиевска, Џево Ибраими, Селвир Османовиќ и Ана Секуловска. Сега имаме и тим од многу волонтери низ цела Македонија кои самоиницијативно ни се приклучија и со сето срце сакаат да помогнат и да се вклучат во акциите. Секој член од тимот си има своја функција и свој тим, а се менуваме меѓу себе по потреба - објаснува таа.

Вели дека тимот е среќен кога гледа како една нивна скромна идеја и желба да се помогне станува навистина вирална и на крајот успеваат да помогнат повеќе од очекуваното.



Онлајн и брзо до платена сметка

Сакале да најдат решение кое ќе биде едноставно, онлајн и дигитализирано, достапно до сите локално, но и глобално. Сите што сакаат да донираат можат да отидат на страницата „Плати сметка“. До секоја сметка е наведено семејство со состојбата во која се наоѓа, односно кратко објаснување за нивната моментална ситуација и причината за потреба на помош.

Ризовска вели дека на овој начин секој што сака да помогне може да се запознае индиректно со семејството за кое придонесува.

- Штом одлучите на кое семејство сакате да му помогнете, го земате кодот од сметката и исплаќате директно на страницата за исплата на струја или вода. „Плати сметка“ првично беше решение за сметки за струја, но сега имаме и можност за плаќање сметки за вода, а се трудиме да додадеме и сметки за телекомуникација, интернет и телефон. Започнавме многу скромно, а секој ден се изненадуваме од добрината на сите компании соработници и донатори - вели таа.



Помош и поттик побрзо да се застане на нозе

Ризовска вели дека семејствата што се дел од акцијата „Плати сметка“ се избрани според нивните месечни примања, работоспособноста на членовите во семејството, како и нивната здравствена состојба, преку што се гледа нивната финансиска можност да ги покријат своите трошоци на месечно ниво, како и дали спаѓаат во категоријата на социјално загрозени семејства.

- Нам ни беше важно секоја донација да оди во вистински раце, но и сето тоа да биде транспарентно. За да се осигуриме дека оваа акција ќе им биде од помош на оние на кои им е навистина најпотребна, почнавме соработка со организацијата „Вистински дела на љубезност“, без која оваа акција немаше да биде олку успешна - додава таа.

Сепак, Ризовска потенцира дека целта е да им помогнат на семејствата во момент кога се најранливи и не се во можност да ги плаќаат сметките во домаќинствата.

-Внимаваме оваа акција да не биде помош на подолг рок за семејство со цел да не ги навикнеме членовите на семејството на помош, туку да им дадеме поттик побрзо да станат на нозе и самите да заработуваат - заклучува таа.



Фото: приватна архива

Останати Наша тема