Образование

Популарната социјална мрежа „Тик-Ток“ ќе создава образовни содржини

Популарната социјална мрежа „Тик-Ток“ ќе создава образовни содржини

активен до31.12.2099
20.06.2020
Мегапопуларната социјална мрежа „Тик-Ток“ ги објави своите планови за вработување стотици експерти и институции за создавање едукативни содржини.

Универзитетите и хуманитарните организации се меѓу оние што ќе бидат платени за создавање опсежна едукативна содржина за „Тик-Ток“.

Новиот фокус може да го направи попривлечен трендот за микроучење, тврдат експертите.

„Тик-Ток“ е преземен повеќе од две милијарди пати на „Ајос“ и „Андроид“ од неговото глобално лансирање во 2017 година. Мрежата им овозможува на корисниците да создаваат видеа долги 15 секунди, со музика во заднина.

Со својот успех изграден врз видеата за забава генерирани од корисниците, потегот да се вклучат професионалци што создаваат содржини за учење означува значителна промена, бидејќи компанијата се обидува да ја промени содржината.

На лансирањето, видеата ќе го вклучат британскиот актер Шон Сагар, кој ќе сподели совети за публиката, а ТВ-презентерката и математичарка Рејчел Рајли ќе помогне во развивањето вештини за математиката.

Генералниот директор на „Тик-Ток“ за Европа, Рич Ватерворт, вели дека платформата го забележала интересот на корисниците за едукативни видеа со повеќе од 7 милијарди прегледи на хаштагот #LearnOnTikTok.

- #LearnOnTikTok е поврзан со нашето инвестирање во партнери и креатори на професионални содржини. Сметаме дека „Тик-Ток“ има моќ да ги натера луѓето да учат: ефектите, аудиото, транзициите, алатките што ја прават оваа апликација толку забавна ќе ги натераат да уживаат и во учењето - изјави Ватерворт.

tik tok
Фото: Screenshot/YouTube

Мартин Џефрис, менаџер за социјални медиуми во „Англиско наследство“, хуманитарна организација што управува со над 400 историски локации во Велика Британија, смета дека пристапот до помладата публика на „Тик-Ток“ дава можност да се истражуваат различни типови содржини.

- Сметаме дека „Тик-Ток“ е безбедно место за истражување приказни што се важни за младите луѓе, како историјата на Афроамериканците, приказни за ЛГБТ, историјата на жените - вели Мартин.

Со професионално изработени видеа што сега се воведуваат заедно со содржините од корисниците, аналитичарот за истражување Џејми Мекеван од „Ендерс Аналајзис“ посочува дека поранешниот шеф на Дизни-стримингот кој го презеде кормилото на „Тик-Ток“ може да сигнализира нов правец за платформата.

- „Тик Ток“ навистина сака да ги прошири своите можности и ќе има поструктурирана и поквалитетна содржина. Ова е поврзано со новиот извршен директор Кевин Мејер, кој доаѓа од „Дизни“ - вели Мекеван.

Со образовните содржини во центарот на апликацијата, д-р Елизабет Хидсон, предавач на Универзитетот во Сандерленд, истакнува дека платформата ќе го следи веќе постојниот тренд на учење преку интернет.

- Повеќето од нас се запознаени со идејата преку интернет да се најдат образовни видеа. Оваа идеја за мали единици за учење е веќе добро воспоставена во онлајн-образованието, кое го нарекуваме микроучење - вели таа.

Извор: ВВС

Останати Образование