Ќе бидам во Скопје, со моите најблиски, многу весело и безгрижно. Да сме здрави и живи :)
Време е да покажам на што работев овие неколку години и да излезе најдоброто од мене, вака ентузијастички, со полн елан, енергија и креативност ни одговори водителот и најпопуларен македонски јутујбер Стефан Лазаров за неговите планови и очекувања за новата 2022 година.
Со варено вино во ритамот на Новата година, која сите посакуваме да биде среќна, весела и да ни донесе многу здравје, со Лазаров направивме еден празничен разговор.
По што ќе ја паметите 2021 година?
- 2021 беше една од најубавите и најуспешни години во мојот живот. Ќе ја паметам по „Лазаров шоу“, неколкуте песни, многуте видеа и секако приватните моменти со моите блиски. Го имав и првиот официјален настап, сѐ на сѐ ќе ја помнам како многу убава година.
Што очекувате од новата?
- Дефинитивно сметам дека 2022 ќе биде моја година. Се чувствувам спремен да го земам тоа што ми припаѓа. Време е да покажам на што работев овие неколку години и да излезе најдоброто од мене.
Каде планирате да ја дочекате 2022?
- Ќе бидам во Скопје, со моите најблиски, многу весело и безгрижно. Да сме здрави и живи :)
Дали ги прославувате Божиќ и Бадник?
- Секако, со паричка, посна трпеза, вино, блиски, мир и спокој. Тоа е најдобриот опис за тие денови, но да не се заборават филмовите. Без добар празничен филм не поминуваат овие два празника.
Дали традицијата на китење на елката треба да се негува?
-Искрено, да не беше мајка ми, немаше ни елка да имаме. Многу работа имав во декември и не бев премногу дома, па затоа и не ставив акцент на китење и украсување. Но, нели, китењето на елката е традиција која треба да се негува и секако треба да го испочитувавме тој дел.
Фото: приватна архива