X
 01.10.2021 Наша тема

Прв час на факултетите - како ќе се одвива наставата, објаснува ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски

Наставата на повеќето државни и приватни универзитети во земјава и оваа студентска година ќе се одвива различно, според условите што ги имаат факултетите за почитување на протоколите за заштита од ковид-19. На поголемите факултети, каде што има и поголем број студенти, каде што не може да се обезбеди целосно почитување на протоколите, наставата ќе се одвива на далечина или, пак, студентите ќе бидат поделени во помали групи за да може наставата да ја следат со физичко присуство. На дел од факултетите наставата ќе биде целосно со физичко присуство, а некаде ќе биде комбинирана, односно дел со наставата ќе биде на далечина, а дел со физичко присуство, според потребите на самата наставна програма.

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје зимскиот семестар ќе го почне со настава со комбиниран модел, на далечина и со физичко присуство. Ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, за Факултети.мк вели дека вакви заклучоци донела ректорската управа на седница одржана кон крајот на август годинава, а таква одлука донеле и сите факултети при Универзитетот. Тој објаснува дека ова е трета година по ред како УКИМ организира настава во услови на пандемија.

- Одлуката за тоа како ќе се одржува наставата факултетите ја носат самите, според просторните и техничките капацитети, како и според специфичностите на студентските програми и бројот на студенти. Кај некои факултети наставата на почетокот на семестарот целосно ќе се одвива на далечина, со користење дигитални и видеоконференциски алатки. Од овој семестар на сите факултети Универзитетот имплементира нова современа платформа за учење, која всушност претставува виртуелна училница што ќе се користи за настава и за организирање на испитите, сè додека здравствената состојба во државата не овозможи физичко присуство. Со гордост можеме да кажеме дека од овој семестар условите за држење настава на далечина одговараат на оние што ги имаат многу универзитети во високоразвените земји - изјави Јанкуловски.

Настава на далечина, како што објаснува ректорот, е организирана на факултетите со поголем број студенти, каде што и самите групи се големи и не е можно да се почитуваат протоколите за да има настава со физичко присуство, дури и во најголемите простории и амфитеатри.

- Во зависност од специфичноста на предметот, студентите исто така може да се поделат во помали групи за следење на наставата со физичко присуство или работење во смени. Повеќето факултети ќе организираат вежби во мали групи со физички присуство, а тоа се однесува и за испитите. Овој начин на организација на наставата е предвиден за почетокот на зимскиот семестар, но дали ќе се промени, ќе зависи и од бројот на заболени од ковид-19 во државата - вели Јанкуловски.


Проф. д-р Никола Јанкуловски


Факултетите при УКИМ што ќе организираат настава со физичко присуство целосно се приспособуваат на препораките и мерките од Комисијата за заразни болести.

- Тие се прилагодуваат и на општите и на препораките дадени за нашиот Универзитет. Протоколите за физичко присуство се почитуваат со особен ангажман на сите вработени и на студентите. Секако, имајќи ги предвид капацитетите на факултетите, наставниот процес нема да биде ист како кога немаше пандемија. Ќе се прават помали групи за настава со физичко присуство, ќе се работи на смени и ќе се користат дигитални алатки - вели Јанкуловски.

За тоа како УКИМ им помага на факултетите да обезбедат услови за непречено одвивање на наставата, ректорот вели дека сите факултети при Универзитетот имаат решение за работа согласно Уредбата за нормативни стандарди за основање високообразовни установи и за вршење високообразовна дејност, каде што точно се нотирани просторните капацитети што треба да ги имаат во зависност од научноистражувачкото подрачје во кое се одвива нивната наставна и научноистражувачка дејност.

- Но оваа уредба не се однесува за услови во пандемија. Ректорската управа на УКИМ ја следи состојбата со пандемијата и носи заеднички ставови и одговара на потребите на секој факултет одделно. Особен акцент е ставен на создавањето услови за непречено одвивање на наставата, независно дали таа се одвива на далечина или со физичко присуство. Сите дигитални системи за настава што се имплементирани на нашиот Универзитет ќе можат да се користат и во услови кога студентите физички присуствуваат. Овој концепт значи модернизација на наставата во целина и значително подигнување на нејзиниот квалитет - вели ректорот.

Од Министерството за образование и наука велат дека според статистичките податоци, лани на универзитетите во земјава биле запишани 50.881 студент на сите студиски години и дека 83,3 проценти студираат на државните високообразовни установи. Наставата минатата година ја организирале и ја спроведувале 4.288 наставници и соработници.

- Податоците за новата академска година ќе бидат достапни до крајот на годината, бидејќи уписите се во тек - велат од Министерството за образование.
Подготвил: Елица Бочваровска

Издвојуваме

Наша тема