Некогаш е тешко да се погоди името на човекот за кого се зборува, единствено преку набројување на неговите/нејзините главни животни достигнувања. Тоа не е случај со човекот за кого зборуваме овде. Доколку кажеме дека се работи за музичар со преку 60 години активно учество во музичката индустрија, 80 номинации за Греми награда и дури 28 Греми награди… Да, тоа е Квинси Џонс.
Квинси е роден во Чикаго на 14 Март 1933 година. Неговата кариера изобилува со уникатно шаренило и квалитет, а меѓу неговите импресивни соработки ги вбројуваме Дизи Гилеспи, Френк Синатра, Ела Фицџгералд, Мајкл Џексон, Реј Чарлс... и, ова е само кус вовед во чудесната листа на класици потпишани директно од Квинси Џонс. Токму затоа, документарецот Quincy во предукција на Netflix е толку препорачуван и одобрен од публиката.
Квинси има што да каже и несомнено е дека, меѓу другото,
неговото грло е неговата моќ. Но, на едно скорешно интервју, откри и нешто што нему му било речено - и засекогаш му го променило животот.
„Најдобриот совет што некогаш го добив е од Надја Буланже во 1957 година. Ми рече: ‘твојата музика нема да биде ни повеќе ни помалку од она што си ти како човек’“.
Ќерка на познатиот француски пијанист Ернест Буланже и руската принцеза Расиа Машетскаја, Наталија Буланже е исклучително важна и како композитор и како музички педагог. Годините минати под нејзино менторство се особено вредни за Квинси Џонс. Освен теориската основа што му ја дава Буланже, од сферата на класичната музика, нејзиното влијание над него се врежало и преку овој важен совет. Тој вели дека оттогаш повеќе размислувал за себе и дека во тоа е суштината - тајната на неговиот континуиран развој и успех.
„Зборовите на Марк Твен, исто така, извршија големо влијание врз мене. ‘Бесот е секогаш потежок за садот во кој е складиран, отколку за она на кое ќе се истури’ вели тој. Зар не е чудесно да се сфати ова на 85 години?“
Квинси вели дека во последниве години се обидува да го прочисти своето тело од негативните мисли, најпрво заради себе, но и заради музиката што ја прави. Помеѓу сите тонови со кои сè уште маестрално излегува на крај, гласот на Надја Буланже и советот на Марк Твен ги издвојува како референтни точки и пресвртници во неговиот светоглед. Повеќе од 50 години се поминати од моментот кога Буланже му го рекла, она што му го рекла, а нејзиниот глас сè уште не му излегува од глава.
(комерцијална објава)