Македонскиот џез-пијанист, композитор и аранжер Гордан Спасовски е еден од десетте финалисти на Интернационалниот натпревар HIBBCC за биг бенд-композиции во Хелсинки, Финска. Композициите ќе бидат изведени на 4 јуни во 18:00 часот од страна на УМО џез-оркестарот. Инаку, годинава имаше рекорден број на учесници на натпреварот за биг бенд-композиции, вкупно 76 композитори од 22 земји и четири различни континенти.
- Композицијата “Inner Nova“ ја напишав на почетокот од оваа година за џез-квинтетот „Кукурек“, во кој членувам заедно со моите колеги Кирил Кузманов, Трајче Велков, Кирил Туфекчиевски и Виктор Филиповски. Со ова може да се каже дека енергијата и звукот на овој бенд беа мој инспиративен водич. Биг бенд-аранжманот го напишав малку подоцна, специјално за УМО џез-оркестарот и за овој настан, по препорака на македонскиот композитор и аранжер Владимир Николов. Досега имам напишано повеќе композиции и аранжмани за биг бенд и големи ансамбли, а неколку веќе беа изведени од ЗЏМ Биг бендот, “BYJ Orchestra“ и ЗЏМ колектив со гудачки ансамбл.
фото: Татјана Ранташа
Гордан Спасовски, кој потекнува од Крива Паланка, минатиот месец го промовира својот прв самостоен албум „Light Pillar“, кој е воедно второто издание на Здружението на џез-музичари „Рекордс“.
фото (насловна): Jovan Jon