X
 03.10.2022 Живот

Прв академски час на Правен факултет

Правниот факултет, и покрај сериозната конкуренција, дефинитивно останува еден од најдобрите инкубатори на кадри што овозможува гаранција во квалитет. Правниот факултет со својата строгост, почит и квалитет и натаму останува најдобрата и најстарата правна институција во македонската држава.

Ова го порача министерот за правда Никола Тупанчески пред бруцошите на првиот академски час на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, нагласувајќи дека од новата генерација на студенти очекува да претставува ренесансна генерација на која навистина ќе ѝ се даде можност, ќе го добие потребниот квалитет за да ги отстранат, анулираат или редуцираат оние негативни работи што се случуваат во правосудството воопшто.

Правото и правната наука е нешто величествено, рече Тупанчевски во своето обраќање, нагласувајќи голем дел од познатите личности низ историјата и денес кои имаат допирни точки и сериозна врска со правото и правната наука, посочувајќи ги како студенти по право Махатма Ганди, Нелсон Мандела, Хулио Иглесиас, Фидел Кастро, Достоевски, Толстој, Путин…

Пред своите идни колеги Тупанчевски потсети и на латинските максими кои му даваат посебен белег на правото – „sub lege libertas“, „dura lex sed lex“ и „Audiatur et altera pars“ – што значи дека нормата треба да се толкува во рамките на законот, неселективноста во правото и да се слушне и другата страна.



Деканот на Правниот факултет, Сашо Георгиевски, изрази задоволство што наставата оваа академска година ќе се изведува со физичко присуство, а на бруцошите им порача дека отвораат една прекрасна приказна во својот живот, исполнети со дружење, расправи, анегдоти, љубов и пријателства што ќе следуваат во годините.

Првиот академски час на Правниот факултет беше отворен со изведба на хорот при Академското културно-уметничко друштво „Мирче Ацев“ Скопје.

На Правен факултет во прва година во учебната 2022/23 се запишани 286 студенти од кои на правни студии се околу 230, на новинарство 18, односи со јавност 14 и 19 студенти на политички науки.

Извор: МИА

Издвојуваме

Живот